Благица Ласовска образложи дека ваквата одлука е поради тоа што не им се прифатени два амандмани за обезбедување на компјутери за децата кои немаат и интернет за сите училишта
Клучната измена е воведување учење на далечина
Во Собранието во тек е расправата за Предлог – измените и дополнувањата на Законот за основното образование.
Како што е најавено тој ќе се носи по скратена постапка.
„Утврдуваме одредена уредба која во вонредни околности ќе може да ја носи Владата се со цел да го уреди траењето на часовите, бројот на наставните денови во одредена година се со цел да се воспостави ова како механизам кој првпат ќе биде поставен во законот. Целта на оваа уредба ќе биде технички да ја уреди школската година во текот на таа година кога имаме вонредни околности. Првпат се воведува правото на учење од далечина, кое досега не било регулирано“,
рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, образложувајќи ги измените.
Посочи дека учењето од далечина нема да се случува само во вонредни околности, бидејќи со осовременување на образовниот систем може да се смета дека овој тип на платформа ќе биде корисна и за учениците и за континуирано учење на наставниците.
Пратеничката Благица Ласоска од ВМРО-ДПМНЕ најави дека нјзината пратеничка група ќе гласа воздржано, бидејќи нивните два амандмани не се прифатени.
Пратеникот Арбер Адеми, кој беше министер за образование и наука во претходната Влада рече дека пратеничката група на ДУИ ќе дадат поддршка на ова законско решение, бидејќи измените се потребни, неопходни и изрази надеж дека епидемиолошката слика во земјава ќе се подобри и сите ученици да се вратат во училиште.
Алијанса за Албанците ги критикуваше предложените измени, кои, како што рече Халил Снопче, имаат за цел пренесување на сите ингеренции на Владата, а се запоставуваат Парламентот и општинските совети. Според него, Владата треба да има последен збор, но со согласност од локалната самоуправа бидејќи, како што рече, тие знаат најдобро што се случува во училиштата. Тој исто, така ја критикуваше идејата за онлајн настава, посочувајќи дека искуството од претходно покажало дека таа не се спроведувала како треба и била неуспешна.