Секој глас од 158. што ги има владејачката партија ќе значи и извинување – за поделбите, за лагите, за измамата, за хистеријата…, изјави лидерот на СИРИЗА
Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје, се трите потпишани меморандуми меѓу Северна Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, а веќе се доставени во грчкиот парламент и, откако ќе ги поминат предвидените процедури, ќе треба да бидат ратификувани, јави МИА од Атина.
Станува збор за три меѓународни договори, два од Министерството за надворешни работи на Грција, кои беа потпишани за време на првата меѓувладина седница одржана во април 2019 година во Скопје, и еден од Министерството за одбрана, потпишан пет месеци подоцна, а сега се донесени во грчкиот парламент како предлог-закони од надлежните грчки министри.
Откако беа доставени (на 14 и 15 септември), следниот чекор е да бидат разгледани на Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, а откако пратениците членови на комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе се најде на седница на парламентот.
Согласно седмичната програма на грчкиот парламент, трите предлог закони, оваа седмица не се на дневен ред на надлежната Комисија.
Со оглед на тоа дека ова се први договори со Северна Македонија што доаѓаат по промената на власта во Грција, од опозициската СИРИЗА ќе побараат јавно гласање, со прозивање на сите пратеници, кога ратификацијата ќе биде на дневен ред во парламентот. Тоа вечера го потврди и лидерот на партијата Алексис Ципрас и посочи дека очекува гласањето на пратениците од Нова демократија да биде и извинување за нивната опозициска реторика за Договорот од Преспа.
„Секој еден глас од 158. што ги има владејачката партија, секој од 158. пратеници со својот глас, ќе дава и едно извинување. Очекуваме 158 извинувања. Извинување за поделбата, извинување за лагите, извинување за измамата, извинување за хистеријата, извинување за нападите, извинување за куршумите до министрите и пратениците од СИРИЗА, извинување за подметнувањето пожари пред нивните домови, извинување за мизеријата што се случи пред две години. И, пред сè, извинување за измамата на обичните граѓани, на кои им рекоа дека СИРИЗА ја предава Македонија,
рече Ципрас.
Трите предлог-закони, непосредно пред работната дводневна посета на премиерот на Северна Македонија на Грција и средбите со грчкиот државен врв, беа доставени до парламентот.
Првиот предлог-закон е „Ратификација на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за надворешни работи на Грција и Секретаријатот за европски прашања во Владата на Северна Македонија за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија“, меморандум потпишан на 2 април 2019 година во Скопје од тогашната алтернативна шефица на грчката дипломатија Сиа Анагностопулу и тогашниот вицепремиер надлежен за европски прашања Бујар Османи.

Вториот предлог-закон е „Ратификација на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Грција и Владата на Северна Македонија за формирање Координативен комитет за економска соработка“. Меморандумот е потпишан на 2 април 2019 година во Скопје од тогашниот вицепремиер и министер за финансии на Грција Јанис Драгасакис и тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, а има осум члена што се однесуваат на начинот на функционирање на конкретниот комитет.

Третиот предлог-закон е „Ратификација на техничката спогодба меѓу Министерството за национална одбрана на Грција и Министерството за одбрана на Северна Македонија во врска со ер полисинг на FIR Скопје (LWSS)“, се однесува на надзор на воздушниот простор на нашата земја од грчки воени авиони и беше потпишан на 30 септември 2019 година во Скопје.

Кусо пред европските и локалните избори во Грција во 2019 година, грчките пратеници гласаа за договорите што произлегоа по потпишувањето на Договорот од Преспа, а се однесуваа на отворање на нови гранични премини меѓу двете земји, како и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Овие закони беа ратификувани, но не и со гласови од пратениците од Нова демократија, со оглед на тоа што, како опозиција беа против Договорот од Преспа и воопшто не ги поддржуваат спогодбите што произлегуваат од него. Затоа, сега, од СИРИЗА ќе бараат гласањето за трите меморандуми да биде јавно, со прозивање на секој пратеник.