Дневната бројка на новозаразени е 5 000 лица
Израел од денеска воведува тринеделен карантин поради тоа што бројот на заразени со новиот коронавирус со месеци не се намалува.
Новите мерки опфаќаат затворање на многу фирми, строго ограничување на јавните собири, додека движењето на граѓаните е ограничено на еден километар од нивните домови.
Карантинот се воведува за време на еврејската Нова година, кога граѓаните ги посетуваат своите семејства и се собираат на големи молитвени служби.
Во синоќешното обраќање премиерот Бенјамин Нетанјаху тој предупреди дека можеби ќе бидат потребни построги мерки за да се спречи преоптоварувањето на болниците.
Во Израел има над 46 000 активни случаи, а најмалку 577 се хоспитализирани во тешка здравствена состојба. Од последици од ковид-19 вкупно досега починале 1 169 луѓе.
Израел е помеѓу земјите со најголем број заразени во однос на бројот на жители, со дневна бројка од околу 5 000 новозаразени.
Израелските власти на почетокот на летото меѓу првите воведоа строга блокада, ги затворија границите и фирмите, што во мај доведе до намалување на бројот на новозаразени само на неколку десетина лица дневно.
Денеска и регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, предупреди дека состојбата во Европа е крајно загрижувачка поради тоа што бројот на новозаразени е многу поголем од оној во март.