Денешната одлука на Врховниот суд доаѓа една година и три месеци откако, по барање на Јанкулоска, највисокиот суд одлучи таа да не оди во затвор се додека не се преиспита правосилната пресуда на Апелациониот суд во Скопје
Врховниот суд ја потврди пресудата за случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“ со кој експремиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и бившиот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, се осудени на затворски казни.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година одлучи по предметите по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје“,
соопштија од Врховниот суд.
Според пресудата на Апелација, Груевски е осуден на две години затвор, a Јанкулоска и Поповски на 4 години. Основниот кривичен суд првично ја осуди Јанкулоска на 6 години, а Поповски на 6 години и 6 месеци, но тие казни беа намалени од Апелацискиот суд, чија одлука е правосилна.
На правосилните одлуки се жалеа сите осудени, но само Јанкулоска доби и одложување на издржувњето на казната затвор се додека Врховен не одлучи за пресудата. Ѓоко Поповски веќе лежи во затвор, додека Никола Груевски избега од земјата.
Вчерашната одлука на Врховниот суд значи дека сега ексминистерката ќе треба да добие упатен акт за да замине во затвор да ја издржува казната. Јанкулоска претходно доби едно одложување и од Кривичниот суд, бидејќи имаше дете кое нема наполнето една година.
Адвокатите на Груевски во барањето навеле дека Апелацискиот суд одлучувал за дело што застарело, односно дека апсолутната застареност настапила при телефонскиот разговор на Груевски со Јанкулоска, или при исплатата на „мерцедесот“, а не потоа. Ги оспоруваат и „бомбите“ како доказ, а приговараат и на начинот на водењето на записниците и изведувањето на доказите.
Ова е првиот предмет на СЈО за кој се преиспитуваат донесените правосилни пресуди.
*Поврзана вест:
БИРН: „Тенк“ е првиот случај на СЈО за кој ќе одлучува Врховниот суд