Во текот на 2019 година имало 41 новооформен предмет за кривични дела од областа на корупцијата. Меѓу нив се и девет предмети за корупција од висок профил.
За предмети од оваа област лани биле издадени 17 наредби за истрага, а меѓу нив доминираат предмети за корупција во јавни набавки. Истата година подигнати се и 10 обвиненија, а донесени се 10 пресуди од кои една е ослободителна.
Ваквите статистички податоци ги соопшти Владата која ги усвоила овие информации, а кои понатаму, како што појаснуваат, се користат за ажурирање на материјалот со кој се известува Европската комисија.
„Статистичките податоци што ги собира Министерството за правда се користат за ажурирање на материјалот со кој се известува Европската комисија и да послужат за натамошна анализа на состојбите со ефикасноста правосудните и другите органи во постапувањето по предметите за случаите на корупција“,
велат од Владата.
Министерство за правда добило задолжение во рамки на работната група за преглед и ажурирање на методологијата за релевантен статистички систем за мониторинг на Антикорупциската комисија, да ги продолжи активностите за користење на Системот за собирање и обработка на статистичките податоци.
И ова, велат, е во согласност со пристапниот процес кон ЕУ.
„Преземањето активности за развој на систем за следење на предметите за случаите на корупција и генерирање статистички извештаи за мониторинг на Антикорупциската политика е во согласност со десетте принципи за унапредување на борбата против корупцијата во земјите кои пристапуваат, земјите кандидати за членки на Европската Унија и други трети земји“,
потенцираат од Влада.