Коритото на Каменичка Река од утрово е полно со јаловина која, според информации на граѓани на Македонска Каменица, се влеала во Калиманско Езеро.
Меѓу првите што излегоа на терен беа членовите на здружението на спортски риболов „Шаран“ кои ја констатираа, како што наведуваат, катастрофалната состојба.
„Наши членови во моментот се на терен, земаат мостри за присуството на јаловина во водите на Каменичка Река. Мострите дополнително ќе бидат препратени до надлежните на испитување. Она што е очигледно е дека има помор на риби во реката, а дополнително ќе утврдуваме дали тоа е случај и во Калиманско Езеро“,
велат од здружението „Шаран“.
Во меѓувреме, во моментот Општина Македонска Каменица закажа состанок со надлежните, по кој најавија подетална информација за денешното излевање на јаловина во коритото на Каменичка Река. Соопштение, исто така, е најавено и од Рудникот „Саса“ од каде што, според информациите на риболовното друштво, веќе го пријавиле случајот во Министерството за животна средина.
