Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева од пред неколку дена е префрлена во родниот град Гевгелија, каде што во својот дом го издржува куќниот притвор што ѝ е определен во случајот „Рекет“, каде што со неправосилна пресуда доби 7 години затвор.
Таа со своите бранители барала префрлање, информираше денеска адвокатот Дељо Кадиев на рочиштето за тужбата што Јанева ја поднесе против Бојан Јовановски-Боки 13 за неовластено снимање.
Досега поранешната специјална обвинителка го издржуваше притворот во стан во Скопје.
Таа беше уапсена како осомничена во „Рекет“ на 21 август 2019 година. Во затворот во Шутка помина речиси три месеци, по што на 19 ноември лани ѝ беше прифатена жалбата и притворот ѝ беше заменет со куќен.
Во притвор во Шутка за предметот „Рекет“, пак, од 15 јули лани се наоѓа Бојан Јовановски, кој во моментов е во болница поради операција на желудникот мината недела. Тој со неправосилна пресуда е осуден на 9 години затвор.
Зоран Милески-Кичеец, кој беше обвинет со нив, но призна вина, од неодамна е правосилно осуден на 3 години затвор и тој треба да добие упатен акт за да се јави во затвор на издржување на казната.