Во изјава за Канал 5 тој најави дека неговата партија ќе продолжи со протестите, а како големи проблеми со кои ќе се соочи земјата ги спомена откупот на грозјето и текстилните работници
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со протестите, најави денеска потпретседателот на партијата, Александар Николоски.
„Право на секого е да протестира, ние ги покануваме сите граѓани да ни се приклучат на протестите и сум среќен што голема бројка на луѓе ни се приклучуваат. Ние не можеме никому да забраниме да ни се приклучи на протестите. Точно е дека имаше два автомобили кои ги видовме на социјалните медиуми, точно е дека имаше 100 други автомобили кои што се под просекот во Македонија што говори, за жал, каква е економската ситуација во Македонија“,
изјави Николоски за Канал 5, во врска со реакциите во јавноста дека голем дел од автомобилите кои беа на вчерашниот протест за социјално прашање, имало многу луксузни автомобили.
Негово предвидување е дека на земјата и претстојат и други големи проблеми, како што е проблемот со лозарите, со откупот на грозјето и проблемот со текстилните работници.
„За жал голем број текстилни работници им се заканува да останат без работа затоа што голем број компании немаат веќе договори за работа и за извоз. Ова се прашања за кои што очекуваме старо -новата влада на СДСМ и ДУИ да даде одговор и да ги решава, а не да прават спинови за протестите на ВМРО-ДПМНЕ“,
вели Николоски.
