Ако се суди според дневните информации од МВР за бројот на оние кои се казнуваат за неносење на овој тип лична заштита, казните не се проблем за граѓаните
Со Уредба на Владата, од 23 април годинава во земјава е задолжително носење лична заштита на лицето, при што граѓаните можат да бираат дали тоа ќе бидат маски, марами или шалови.
Обврската важи за надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
За непочитување, предвидени се глоби кои се од 20 евра за физички лица, 500 евра за одговорно лице во фирма до 2 000 евра во денарска противвредност за правно лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.
Ако се суди според дневните информации од МВР за бројот на оние кои се казнуваат за неносење на овој тип лична заштита, казните не се проблем за граѓаните.
Статистиката за изречени прекршочни казни во овие десетина дена од септември, се движи од 408 до 437 казни во 24 часа. За претходниот месец, бројката има поголема променливост и се движи од 271 казна на 1 август до највисоката бројка од 501 на 21 август, ситуација слична и во јули.
Во јули е и последната група статистика што ја објавува МВР, односно од воведувањето на забраната до 14 јули, околу 30 000 граѓани се казнети за неносење маски.
Најголемата неодговорност и непочитување на мерката, МВР ја регистрира во јуни, кога дневните бројки се од 500 до над 1 100 казни за 24 часа. Рекордот е достигнат на 10 и 11 јуни кога биле изречени 1 143 и 1 068 прекршочни казни на 10-ти односно 11-ти јуни.
Најмалку казни се изречени на почетокот на воведувањето на забраната кога бројката се движи од 28 до 284 казни дневно, но тоа се поврзува делумно и со фактот што во тој период, полицијата повеќе предупредуваше, отколку ппто казнуваше.
Струга, Градиште, „Аватар“…
Но не беа само поединци кои не ја почитуваа оваа наредба.
Летниите месеци беа и време на забава, па така во јули казни заработија повеќе локали кои организираа масовни заабави. Меѓу нив поголемо внимание предизвикаа журките во струмичкиот клуб „Аватар“ и на охридската плажа Градиште.
И во двата случаи следуваа казни.
Претходно, бурни реакции во јавноста предизвика и верскиот собир во Струга, за што се покрена и одговорност во МВР за несоодветна реакција на оние кои треба да се грижат за спроведување на овие мерки.
Апели во „ветер“
„Носете маски, одржувајте хигиена и држете растојание“, е најчестиот совет што го слушаме изминатите неколку месеци. Тие доаѓаат од сите институции, од јавните личности и од лица кои се соочиле со болеста.
Министерот за здравство, Венко Филипче и претходно и сега е најгласниот во апелите да се користат маки како најсигурна заштита.
„Носете маски оти на респиратор потешко се дише“,
беше еден од неговите последни совети, како прв човек на МЗ, но и како здравствен работник.
Во кампањата се вклучи и сопругата напретседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска, која преку социјалните мрежи објаснуваше кои маски обезбедуваат подобра заштита.
Освен во неколку ретки ситуации, сите функционери преку својот личен пример, секојдневно ја пренесуваат пораката маските се нашата нова нормалност, на која мора да се навикнеме и која ќе ја практикуваме уште долго: во такви услови се одржаа парламентарни избори, се конституира и работи Собранието, беше избрана и работи Владата.
Но, она што обесхрабрува е константата во бројот на оние што секојдневно се казнувани за неносење на лична заштита. Ако бројот на новите случаи се врзува со непочитувањето на оваа основна мерка за лична заштита, тогаш не може да се очекува и дека бројката на новозаразени ќе се намалува.
Поврзани вести:
(ВИДЕО) Кои маски се најсоодветни, каде и како да се носат, какви се европските искуства