Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервју за „360 степени“ зборуваше за најавата од програмата на владата за правење достапни за јавноста на аудио снимки од судењата и на тој начин давање увид за тоа што се случува во судските сали.

„Мислам дека е изводливо и дека е во рамките на законот. Доколку има потреба ќе направиме измени, но мислам дека е во рамките на законот. И досега се објавуваат пресуди и тоа е добра пракса. Нам ни е важно да се зајакне транспарентноста, одговорноста и ефикасноста на судството. Ова е елементот на транспарентност и верувам дека тоа ќе го олесни увидот на јавноста во конкретните случаи и во оправданоста на определени одлуки на судовите, но исто така тоа ќе ја демистифицира работата на судовите на некој начин и нема да стои она големо прашање дали некој ги контролира судиите како судат и како постапуваат. Мислам дека со објавување на овие аудио записи таа мистерија ќе се разреши и секој судија ќе биде практично контролиран од јавноста“,
рече Маричиќ.