Културните институции имале законска обврска да направат нова систематизација на работните места која требало да ја усогласат со МИОА и некои не го направиле тоа
Ние донесовме одлука на Влада да започне исплатата на платите во институциите од културата, но процесот не е поврзан со Владата и со изнаоѓање финансиски средства, туку целата постапка за ваквата состојба е меѓу сите чинители заради законските измени што требало да бидат усогласени, рече денеска вицепремиерот Фатимир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање, дали е одблокиран процесот поради кој вработените во институциите од културата неколку месеци немаа плата.
„Културните институции имале законска обврска да направат нова систематизација на работните места која требало да ја усогласат со МИОА. И некои не го направиле тоа. Затоа последиците од тоа ги гледаме денеска на 11 септември“,
рече Битиќи.
„Ова е добро научена лекција, дека секој договор предвидува права и обврски за секоја од страните, кои треба да ги исполнат. Сите проблеми ќе се завршат за неколку дена, но предуслов е двете страни да си ги завршат своите обврски од меѓусебното договарање пред 6 месеци“,
рече Битиќи.
Дали некои од раководните лица што не ги завршиле обврските ќе бидат разрешени, Битиќи порача:
„Оние што не го испорачале она што го очекувале граѓаните, не треба да очекуваат некој да ги смени, туку сами треба да си заминат“.
