Единствената национална платформа на која ќе се одвива образовниот онлајн-процес ќе биде промовирана наскоро, најави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа рече дека ова ќе биде најголемиот предизвик на институцијата со која раководи, да спроведе комбиниран модел на настава на кој училиштата ќе можат брзо да се приспособуваат.
„Она на што веќе го работам изминатите десеттина дена како итно и неодложно е воведување комбиниран модел за настава, кој дава можност за брзо приспособување на училиштата за настава со физичко присуство или онлајн-настава, како и за започнување на учебната година на 1 октомври. Пандемијата со ковид-19 покажа колку е важно образовниот процес и систем да се менува и приспособува и осовременува постојано и токму тоа го правиме денес. Наскоро пред јавноста ќе биде промовирана единствената национална платформа за онлајн-учење“,
рече Царовска на денешната прес-конференција.
За првпат во земјава ќе има ваква платформа која, како што потенцира, ќе биде едноставна за користење и за наставниците, за учениците и за родителите, но и од страна на образовните институции, со двонасочна комуникација и направена на основа на добри практики.
Царовска денеска соопшти дека до напладне, 36 училишта, од кои 15 се средни и 21 основно, поднеле барања за дозвола да организираат настава со физичко присуство.
Денеска истекува рокот за доставување на барањата, кои ги разгледува владина комисија, по што ќе даде конечна оценка дали можат да организираат настава со физичко присуство согласно здравствените протоколи за функционирање во време на ковид-19 пандемија. Но, таа апелира сите училишта да се подготвуваат за онлајн-настава бидејќи не се знае како ќе се менува епидемиолошката состојба.