Не знаеме што е зачувано од компјутерите, а што не. Ова ќе биде огромна штета за нас, само мојата канцеларија не е уништена, вели за „360 степени“ директорот на Инспекторатот, Фејзула Спахија
Во пожарот што денеска изутрина ја зафати зградата на поранешна Комерцијална банка најмногу штета претрпе Државниот инспекторат за животна средина. Огнот, кој според првичните информации настанал од дотраеност на електричната инсталација, ги проголтал архивата на Инспекторатот и дел од канцелариите. Дополнително, при гасење на пожарот од водата се уништени и дел од компјутерите и инвентарот во канцелариите на инспекторите, вели за „360 степени“ директорот на Инспекторатот, Фејзула Спахија.
„Ни се отвори голем проблем, изгоре целата документација. Последните предмети се кај инспекторите, но и таму пожарникарите интервенирале со вода. Не знаеме што е зачувано од компјутерите, а што не. Ова ќе биде огромна штета за нас. Само мојата канцеларија не е уништена. Ќе побарам средба со министерот за животна средина за да ни најдат простории каде би можеле да се сместиме. Целокупната штета допрва ќе ја проценуваме“,
вели Спахија за „360 степени“.
Директорот Спахија не верува дека пожарот е подметнат.
Во надлежност на Инспекторатот, меѓу другото, е контролата на уредувањето на речните корита, хидроцентралите, индустриските капацитети, увозот на отпад – области за кои континуирано има жестоки реакции во јавноста. Инспекторите ги вршат контролите на терен и можат во секој момент да ја побараат неопходната документација од правното лице.
Командантот на противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, по локализирање на пожарот, изјави дека причината, најверојатно, лежи кај електричната инсталација.
Пожарот се гасеше два часа
Противпожарната бригада добила пријава за пожар во 6:50 часот, а нивните екипи пристигнале пет минути подоцна. Пожарникарите го гаселе огнот два часа оти не знаеле како да пристапат во зградата во која не работи хидрантската мрежа.
„Ова е старата зграда на Комерцијална банка и внатре е преградена со повеќе ходници, гипс-каротни и стаклени врати. Во моментот внатре не работи ниту еден хидрант, ниту една хидрантска мрежа. Тоа ни создаде поголеми проблеми, бидејќи не можевме да го затвориме пожарот од внатрешната страна, па мораше преку надворешната страна да влеземе со кршење на прозорците. Пожарот го локализиравме околу 8:50 часот“,
кажа Командантот на противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Повредени нема, а при гасење на пожарот еден од пожарникарите почнал да се задушува. По интервенција на Итната помош, тој е во добра состојба.