Наставниците и учениците нема од првиот ден на училиште совршено да ја познаваат национална платформа за онлајн настава, но таа ќе стане алатка што ќе се користи не само во услови на ковид-19, туку и наредните години и ќе значи унапредување на образованието, вели министерката за образование и наука Мила Царовска.
„Се што правиме сега го унапредува образованието воопшто. Не е ова само состојба којашто сакаме да ја надминеме, па по секоја цена правиме платформа. Оваа платформа ја градиме сега, ништо нема да биде совршено оваа година, тоа морам искрено да го кажам, но градиме чекор плус во нашиот образовен систем со тоа што поставуваме една алатка којашто ќе им служи на сите наставници. Верувам дека во наредните неколку месеци сите ќе сакаат да работат на неа. Посебно децата, затоа што ќе биде едноставна, ќе имаат распоред, ќе можат да имаат двонасочна комуникација со наставникот, ќе имаат линкови, презентации и сето тоа полека ќе се усовршува и полека ќе се доградува“,
посочи министерската Царовска во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
Таа посочи дека секаде каде условите го дозволуваат тоа, ќе се реализира настава со физичко присуство. Преку платформата пак, вели ќе може да се следи квалитетот на образованието.
„Пристап до платформата ќе имаат и Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образование, како две институции што треба да го следат квалитетот на образованието. И за разлика од претходната година, исто така воведуваме можност за валидација на знаење со физичко присуство, за да ги мотивираме и наставниците и учениците, коишто следат онлајн настава, да научат повеќе, да се стекнат со повеќе знаење, коешто натаму ќе биде оценето“,
рече Царовска.
Единствената национална платформа за онлајн настава, Царовска вели дека веќе е во драфт верзија и наскоро ќе биде претставена на јавноста.