Според обвинението, таа поднесувала лажни фискални сметки од патарини од други лица кои патувале, за што наплатила значителна сума пари од Собранието
ОЈО Скопје соопшти дека е поднесен обвинителен акт против поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, во врска со фискалните сметки кои ги приложувала за надомест на патни трошоци.
Се работи за периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, кога Бонева беше пратеник во Собранието.
Според Обвинителството, таа со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос.
„Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.
Истражната постапка за случајот познат како „Друмарина“ ја водеше Специјалното јавно обвинителство. Ова е втора истрага од оние што редовните обвинителства ги презедоа од СЈО, а за која се поднесува обвинение. Претходно, обвинителството поднесе обвинение за случајот „Моќник“ против пратеникот Антонијо Милошоски, неговиот татко, ексградоначалникот на Македонски Брод и членови на Лустрациската комисија.