Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во минатиот и новиот собраниски состав, Никола Мицевски, е првиот сведок на обвинетиот експретседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој денеска дојде во Основниот кривичен суд да сведочи во случајот за организацијата на настаните од законодавниот дом на 27 април 2017.

Ниту од пратеничката група ниту од партијата, рече тој на почетокот на сведочењето, никој не му кажал или зборувал за некаков план за насилство. Ист одговор пратеникот даде и на прашањето, дали некој го информирал за некаков план да се попречи избор на претседател на Собранието.
„Апсолутно не, ниту имавме некоја информација ниту некој на координација на пратеничката група информирал за некаков план, ниту, пак, како член и активист во Штип некој спомнал нешто. Напротив, на многуте координации што ги имавме бевме опоменувани од тогашниот координатор на пратеничката група да внимаваме на каква било вербална или друга провокација од колеги пратеници”,
рече Мицевски објаснувајќи дека бил пријавен за дискусија тој ден, но поради настаните тоа не се случило.
Тој зборуваше и за протестите „За заедничка Македонија“ велејќи дека партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ немале донесено некаков став за ова движење ниту, пак, му се налагало на членството да оди на протести.
„Со оглед на настаните и излегувањето во јавност на т.н. тиранска платформа, реакциите на граѓаните беа огромни. До мене како пратеник доаѓаа реакции од многу граѓани, загрижени, кои почнаа самостојно да се организираат и да одржуваат протести низ градовите. Јас лично имам учествувано на тие протести во Штип од каде што сум пратеник. Морам да потенцирам дека бев изненаден од масовноста и шареноликоста на тие настани. На таквите настани, зборувам за Штип каде што ги познавам луѓето лично, присуствуваа не само членови на ВМРО-ДПМНЕ туку и членови на СДСМ и аполитички граѓани”,
рече пратеникот.
Голем дел од прашањата на одбраната на Вељаноски се однесуваа и на Деловникот за работа на Собранието, преку кои сакаа да докажат дека обвинетиот претседател на законодавниот дом постапувал според процедурите.
Обвинителката Гордана Смаќоска, пак, имаше само неколку прашања, а едно од нив беше, дали Вељаноски како претседавач можел да го исклучи микрофонот на пратеникот Зеќирија Ибраими кога ја пееше албанската химна.

Мицевски, пак, рече дека тоа се правело во комуникација преку службите, а таков систем за да може претседавачот директно да го исклучи микрофонот бил инсталиран подоцна, во 2017.

Мицевски е еден од 15-те пратеници од минатиот пратенички состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои Вељаноски ги предложи како сведоци. Од нив, денеска во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје се појавија осум: Освен Мицевски, тука се и Трајчо Димков, Драган Данев, Крсто Јовановски, Панчо Минов, Благица Ласоска, Магдалена Манаскова и Иван Иванов, а во текот на рочиштето во судот треба да дојде и Иван Стоилковиќ.

Обвинети во случајот за организацијата на 27 април, покрај Вељаноски, се и ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски, кој беше споменуван како едно од лицата кои контактирале и соработувале со Нинџа. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе им бидат достапни на органите.