При секоја следна набавка на учебници и лектири, кои се користат во образовниот процес, во договорите ќе се вметне и клаузулата за електронско издание кое ќе им биде достапно на учениците, информира денеска министерката за образование Мила Царовска.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали може да се очекува е-учебници да бидат достапни за сите предмети што се користат во образовниот процес, Царовска рече дека денеска ќе има средба со оние што ги имаат авторските права за да се дојде до некакво решение, кое во краен случај ќе значи само да можат да се читаат учебниците онлајн.
Според Царовска, засега само 40 отсто од сите учебници се достапни во електронска верзија.
„Ситуацијата со ковид го забрзува овој процес, односно ова било пропуштено да се стави во досегашните договори за набавка. Ако во претходните договори се ставела клаузула, тогаш немало да има ваков проблем. Затоа во сите идни набавки ќе се инсистира да има и електронска верзија. Прво ќе се преговара за учебниците, а потоа и за лектирите“,
рече Царовска.