Премиерот Зоран Заев денеска најави стабилен период на влада со четиригодишен мандат, без предвремени избори, што за домашната економијата ќе значи можност за планови и предвидливост во однос на инвестициите и другите економски активности.
„Ни претстои период на работа дома. Денеска можеме да кажеме дека е првиот работен ден на влада која на својата агенда нема за решавање меѓуетнички проблеми. Расчистени се сите дилеми, тие се правно и формално затворени и имаме граѓани кои сакаат економија, стабилност и стандард. Сите соседи ни се пријатели, членка сме на НАТО и со одлука за почеток на преговорите со ЕУ, пред нас се отворање на поглавјата и на фондовите. Имаме еден неповторлив период пред нас и не треба да бидеме непаметни да не го искористиме“,
рече Заев во изјавата во Стопанската комора, каде што беше на средби со бизнис-секторот.
Тој рече дека ковид-кризата и натаму останува најголем предизвик, но дека досегашните мерки дале резултати и најави нови кои ќе се однесуваат на бизнисот и инвестициите.
