На местото на идниот вицепремиер за спречување корупција, во Собранието влегува поранешниот член на независната пратеничка група Зеќир Рачиловиќ, кој неколку месеци беше и поптретседател на претходниот парламентарен состав
Љупчо Николовски е вториот од новоизбраните пратеници на СДСМ кој попладнево поднесе оставка во Собранието, откако тоа прв го направи лидерот на партијата Зоран Заев, како мандатар за состав на новата влада.
Веќе е закажана седницата на која вечерва парламентот треба да го верификува мандатот за пратеник на следниот кандидат на коалицијата „Можеме“ во третата изборна единица, каде што носител на листата беше Николовски. На негово место, во парламентот повторно влегува Зекир Рамчиловиќ, кој при крајот на мандатот на претходниот собраниски состав беше избран за потпретседател на парламентот, откако ја напушти независната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ.
Николовски поднесе оставка затоа што веќе утре треба да се најде на министерскиот список што мандатарот Заев ќе го достави во парламентот. Николовски е кандидат за вицепремиер за спречување корупција, за одржлив развој и за човечки ресурси – позиција што премиерно е предвидена во владиниот кабинет.
Летото 2017 година, кога Заев го формираше првиот кабинет, Николовски беше избран за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а две години подоцна се повлече од функцијата за да биде генерален секретар на СДСМ, за време на „чистката“ во партијата, по претседателските избори.
Иако статутот на СДСМ ја ограничува можноста генералниот секретар во исто време да биде дел од извршната власт, од партискиот врв велат дека Николовски останува на главната оперативна функција на „Бихаќска“. Како што велат од СДСМ за „360 степени“, поради тоа што е генерален секретар, Николовски не преземал обврска да биде ресорен министер, иако имало и такви комбинации. Затоа, како што велат од СДСМ, Николовски ќе биде еден од потпретседателите во новата влада и ќе координира ресори, за да може да остане и генерален секретар на СДСМ.
Николовски ќе остане генерален секретар на владејачката партија најрано до следната пролет. Како што најавуваат од СДСМ, во април или во мај 2021 година треба да се одржи редовниот изборен конгрес на партијата, со оглед на тоа што истекува четиригодишниот мандат на лидерот Заев, како и на другите функционери и членови на партиските форуми за чиј избор одлучуваат делегати.