Двете кандидатури за министри од редовите на ДУИ од Скопје, Артан Груби и Бујар Османи, предизвикаа бројни реакции во партиските структури на ДУИ во скопските ограноци, објавува порталот на албански јазик Алмакос.
Според партиските извори на кои се повикува порталот, претставниците на скопските ограноци на ДУИ од Сарај и Чаир, како знак на револт, не учествувале ниту на состанокот на Централниот совет на партијата, на кој се разговараше за кадровските решенија.
Извори од ДУИ во Чаир и Сарај велат дека има големо незадоволство од кандидирањето на Груби и Османи, без консултација со кој било огранок на ДУИ во Скопје.
„Ако Артан Груби и Бујар Османи имаат политичка совест и морал и ако ги почитуваат гласачите на Скопје, треба да се повлечат. Незадоволството и реакциите се големи и бројни од структурата и од партиските активисти. Оваа акција сериозно и наштетува на ДУИ и ги демотивира политичките активисти од Скопје. Оние кои ги спроведоа изборните активности и кои беа избрани, не беа консултирани. ДУИ-Чаир и ДУИ-Сарај ги повикуваат Груби и Османи да ги почитуваат гласачите и да одбијат да ги прифатат овие функции“,
велат извори од ДУИ за порталот Алмакос.