Зголемени контроли во угостителските објекти, со посебен акцент на придржување до изречените мерки и протоколи, но, и контролирање дали се почитува пропишаното растојание, се одлуките на Кризниот штаб на општина Берово кој се состана денеска, по појавата на нови случаи со ковид-19. Од таму информираат и дека денеска ќе се изврши дезинфекција на јавните површини и реквизити, како и на влезовите на институциите. За утре е најавен и состанок со сопствениците на угостителските објекти во Берово.
„Апел до сите – да се повлечеме од прослави и поголеми групирања, да почне промената од нас, како поединци, да бидеме пример, грижејки се за нашето здравје, допринесуваме за успешно справување со пандемијата. Ситуацијата на нивото на нашата општина е алармантна, самосвеста и одговорноста ни се потребни од секој жител на Малешевијата, да помогнеме заедно да пронајдеме излез од ситуацијата и да не дозволиме бројот на заболени секојдневно да расте“,
велат од Кризниот штаб.
Во оваа општина бројката на позитивни пациенти од ковид-19 изнесува шест лица. Како последица на коронавирусот, пред неколку дена почина 58 годишна медицинска сестра од Берово.