Рокот е продолжен за седум дена, а конечните списоци ќе бидат објавени на 7 следниот месец
Министерството за образование и наука денеска сооппти дека рокот за електронското аплицирање и поднесување документи за сместување во студентски дом во 2020/2021 за студентите од втора и повисоките години на студии е продолжен за седум дена и наместо денеска ќе заврши на 25 август, согласно со измените на Конкурсот. Конечните списоци со примени кандидати ќе бидат објавени на 7 септември 2020 на огласните табли во студентските домови и на веб-страницата на МОН.
Во 12 сместувачки објекти слободни се вкупно 5 419 места. Од нив, за студенти запишани во прва година се наменети 1 083 легла, а за студенти кои се запишани од втора до шеста година и за апсолвенти се слободни 4 336 места.
Во пет студентски домови и сместувачки објекти во Скопје слободни се вкупно 4 015 легла за студенти, од кои најголем број (1 216) се во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Во Битола има 385 места, во Охрид 226, Прилеп 333 и во четири објекти во Штип вкупно има 460 места за сместување.
Студентите кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-страницата www.konkursi.mon.gov.mk и може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.
Рокот за електронското пријавување на студентите од втора година и повисоките години почна на 27 јули и со продолжениот рок ќе трае до 25 август, а рокот за електронското пријавување на студентите од прва година ќе почне на 7 септември и ќе трае до 21 септември.. Доколку останат непополнети сместувачки капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи сè до нивно пополнување, но најдоцна до 28 септември 2020.
Во Конкурсот е објаснет начинот на кој ќе се распределуваат леглата за студенти, условите за прием, потребните документи за конкурирање за сместување и начинот и рокот за пријавување.
Според роковите за сместување, студентот се вселува во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од 10 дена од објавувањето на конечниот список.