Со ова што го направив во „Рекет“, јас направив голем чекор за еднаш засекогаш да се исчисти ова зло во нашата држава.
Вака, препишувајќи си ги заслугите за откривањето на аферата, Орце Камчев попладнево замина од Основниот кривичен суд во Скопје каде што околу четири часа сведочеше како бил рекетиран за да биде поповолно третиран во истрагата „Империја“, каде што тој е еден од осомничените за перење пари.
Тој најави дека ќе поднесе тужби, а ќе поведе и постапка пред граѓанскиот суд за да си ги добие назад 1,5 милион евра што ги дал. Кривична против него за шпионажа, пак, најави Бојан Јовановски – Боки 13.
На денешното рочиште тој во судот влезе последен, а внатре на обвинителна клупа беа оние кои тој пред камерите ги нарече „накази“ – Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13. Но, според Камчев, тие не се единствените што треба да седат таму и друштво треба да им прават уште неколку луѓе, меѓу кои и обвинителката Лиле Стефанова и адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова.
Бизнисменот нивните имиња ги спомена уште на почетокот на неговото сведочење раскажувајќи за три моменти што претходеле на конструкцијата на „Империја“.
Оваа истрага, како и останатите што се отворени по 30 јуни 2017 во кои се опфатени бизнисмени, смета Камчев, се креирани за да се рекетира, па така во неговиот исказ пред судот се најдоа и имиња на неколку бизнисмени од кои биле барани пари.
„Знам дека кај него платија и ‘Тинекс’ и ‘Пелистерка’ и Томче Главчев. Ама, тие не се одважија да го кажат тоа“, рече Камчев во сведочењето, по кое пред медиумите изјави дека сите кои се рекламирале на 1 ТВ на некој начин биле рекетирани. Го спомена и сега починатиот Жарко Луковски, нагласувајќи дека тој платил 250.000 евра.
Камчев издвои три моменти пред апсењето за „Империја“
За рекетот, кој бил баран лично од него, Камчев зборуваше за два периода. Првиот е оној што ѝ претходел на „Империја“ од кој тој посочи три настани.
Првиот е средбата со адвокатот Димишков кој му кажал дека има ПИ-мерки и барал 100.000 евра за првата информација. Поради тоа што адвокатот ја имал оваа информација, Камчев смета дека е вмешана и неговата сестра, судијката Димишкова. Камчев откри дека адвокатот му дал и ценовник за да издејствува поблага мерка.
„Ми ја даде скалата за секоја мерка колку чини“, рече Камчев додавајќи дека по неколку дена ја одбил понудата.
Вториот момент е средбата со неговиот вработен Зоран Милески-Кичеец и Боки 13, на која Кичеец му кажал дека би требало да плати реклама во 1 ТВ. По ова, бизнисменот дал понуда од 40-50.000 евра, која Боки 13 ја сфатил како навреда.
„Ќе се согласам со таа констатација, зашто како менаџер имам право да побарам пари колку што мислам дека вреди, исто како што вие си ги цените операциите, иако ги извршувате неуспешно“, му одговори подоцна Боки на Камчев алудирајќи на операциите што тој ги направил во неговата болница „Систина“ за стеснување на желудникот.
На ова реагираше обвинителката Вилма Русковска која со повишен тон му рече дека тој не е менаџер туку невработено лице.
„Не се дери“, ѝ возврати Боки.
Понатаму, Камчев сведочеше дека Боки не ја прифатил првата сума за реклама, по што му бил понуден проект за „фешн молови“, кој Камчев исто така го одбил.
Третиот момент како претходница на „Империја“, кој го издвои Камчев во сведочењето, било тоа што обвинителката Стефанова преку, како што го нарече, близок пријател, Ванчо Чифлиганец, барала деловен простор од него за нејзината ќерка во зградата „Пегла“ во Кисела Вода, што Стефанова и Чифлиганец го негираа.
Пакување на кешот во „луј витон“
По одбивањето на понудите за соработка, следувало апсењето за „Империја“ и ставањето во притвор. Тука, во преговорите, според исказот на Камчев, се вклучува и неговата сопруга Ана Камчева. Таа денеска требаше да дојде заедно со него и да сведочи, но имала температура и треба да се појави да сведочи на 10 декември.
Во тој период бизнисменот понудил и гаранција од 14 милиони евра, според Камчев највисока во историјата на македонското судство, но била одбиена. Кога бил спроведен во СЈО, таму, јадејќи мекици, го пречекале Стефанова и Јанева и му рекле дека гаранцијата нема да се прифати, затоа што имотот што го нуди е под хипотека. Кога Стефанова со еден од неговите адвокати излегла од просторијата, Јанева и директно му порачала „да ја заврши работата со Боки“.
Додека тој бил во притвор, Ана Камчева била повикана на средба со Димишков во стан во Капиштец кој бил за „специјални клиенти“. Потоа со посредникот Кичеец, пак, ја имала и првата средба со Боки во неговата канцеларија. Потоа следувала и друга средба во населбата Орман, а таму била и специјалната обвинителка, која, како што тврди Камчев, директно се заканила дека може да отвори уште три-четири предмети.
„Ана дојде кај мене и ми кажа. Тогаш ситуацијата беше таква што сите беа на нивна страна, тие беа ‘Чарлиевите ангели’, а ние во јавноста бевме криминалци. Ѝ реков на Ана да разговара со луѓето во фирмите да види што може да се направи“, рече Камчев.
Ја обезбедиле првата рата од половина милион евра – 350.000 евра биле нивни, а 150.000 евра наводно ги дал Кичеец, а Камчев требало да му ги врати.
По исплатата, следувала замената на притворот во Шутка со домашен, кога бизнисменот, како што рече, решил да го документира сето тоа со снимки.
„Јас бев свесен што правам. Ако не го направев тоа, денеска сите ние ќе бевме во заблуда дека некој сака да ја врати правдата“, рече Камчев.
За торбата со пари рече дека ја спакувал во чанта „луј витон“ и покрај пари во неа ставил и елитни списанија и весници.
„Се мајтапев“, прокоментира Камчев пред новинарите.
Боки го праша и што друго имало во торбата, но тој не одговори.
Заев бил запрепастен, Шекеринска – злоупотребена
Пред да почне со снимање, бизнисменот рече дека се консултирал со пријатели од Бугарија и САД, а добри совети добил и од директорот на УБК, Горан Николовски.
„Се видов со него лично кога излегов од притвор. Горан ми даде совет да ги зачувам сите хард-дискови во оригинал за да можат да бидат доказ понатаму. Ми рече: ‘Единствен човек во кој треба да имаш верба и кој може да го истера е обвинителката Вилма Русковска’“, кажа Камчев.
Тој зборуваше и за моментот кога го пријавил случајот кај Зоран Заев. Имале две средби од кои на втората му покажал дел од снимките.
„Беше запрепастен“, рече Камчев додавајќи дека Заев му се јавил по два дена и му рекол да пријави кај Русковска.
„Дали го уценуваше премиерот Зоран Заев со снимките?“, праша подоцна Боки 13.
Со неговите прашања, обвинетиот го натера бизнисменот и да каже дека имале средба на која присуствувал и министерот за здравство Венко Филипче. Меѓутоа, објаснуваше Камчев потоа во изјава за медиумите, немало ништо спорно во тоа бидејќи Боки 13 им нудел проект за некакво јавно-приватно партнерство што било одбиено и од министерот и од бизнисменот.
Камчев зборуваше и дека многу други политичари биле злоупотребени. Боки 13, како газда во медиум, контактирал со нив и ги пуштал на спикерфон за да ја докаже неговата влијателност, а на една од средбите му покажувал и слики од вицепремиерката со специјалната обвинителката.
„Јас сум добар другар со нејзиниот сопруг и знам дека нема врска жената со тоа“, рече Камчев.
Тој во судница ќе се појави уште еднаш во текот на овој судски процес, но овој пат како сведок предложен од Катица Јанева. Нејзините адвокати не сакаа денеска да го испрашуваат и побараа тоа да го направат кога ќе дојде време за изведување на нивните докази.
Сопругата на Камчев, но и неговата сметководителка Мими ќе бидат дел од сведоците кои за „Рекет“ ќе зборуваат за четири дена, на 10 декември.