На новинарско прашање што доколку Заев не оформи мнозинство во рок од 20 дена, и мандатот се понуди на него, Мицкоски одговори дека пред да обезбеди мнозинство никогаш не би прифатил мандат за формирање влада. Пендаровски на средбата повторил дека со верификување на мандатите на пратениците, тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандатот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, час и половина попладнево разговарале со претседателот Стево Пендаровски по денешното доделување на мандатот на Зоран Заев. Мицкоски вели дека претседателот ги менува ставовите и најави дека неговата партија ќе ги замрзне односите и ќе ги преиспитаат политиките во однос на Кабинетот на претседателот.
„Заклучивме заеднички дека денеска пратеникот Зоран Заев изразил уверување дека ќе работи на создавање на парламентарно мнозинство. Ќе се повикам на неколку изјави на Пендаровски кој рече дека мандатот ќе го додели откако ќе добие уверување за оформено парламентарно мнозинство. А, како второ, ќе се повикам на негова изјава дека ќе ги повика лидерите, а тоа не се случи. И трета негова изјава, Пендаровски рече дека нема да даде мандат на лица со афери. За жал, Пендаровски денеска во една реченица сето тоа го поби, откако одлучи да му го даде мандатот на Заев, којшто нема парламентарно мнозинство. На тој начин брутално ја приватизираше и ја злоупотреби позицијата“,
изјави Мицкоски по средбата.
Тој вели дека иако досега ВМРО-ДПМНЕ во ниту еден момент не го дикутирала мандатот на претседателот, сега на Пендаровски му искажале низа забелешки за работењето.
„ВМРО-ДПМНЕ донесе заклучок дека oд овој момент ги замрзува односите и комуникацијата со Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките кои ќе ги води во однос на Кабинетот на Стево Пендаровски. Институциите се заробени за личен интерес, а на сметка на граѓаните“,
рече Мицкоски.
На новинарско прашање што доколку Заев не оформи мнозинство во рок од 20 дена, и мандатот се понуди на него, лидерот на опозицијата одговори дека пред да обезбеди мнозинство никогаш не би прифатил мандат за формирање влада.
Мицкоски кажа дека Пендаровски на средбата го повторил ставот дека со верификување на мандатите на пратениците, тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандатот. Се повикал и на известувањата од претходниците на спикерот Талат Џафери, Стојан Андов (од 2006 г.) и Трајко Вељаноски (2016 г.) со кои тие го информираат претседателот на државата дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите и тече рокот за доделување мандат за составување влада.
Шефот на државата денеска, на ден пред истекот на рокот, му го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Како што претходно соопштија од Кабинетот на претседателот, шефот на државата има сознанија за досегашниот тек на преговорите за формирање мнозинство кои сè уште не се финиширани со договор.