Претседателот на СДСМ Зоран Заев кажа дека денеска ќе се сретне со лидерот на ДУИ Али Ахмети, но не сакаше да сподели детали од преговорите.
„Се обидуваме да ги дадеме сите информации се до онаму до каде нема да се наруши процесот. Не би сакал медиумски преговарачки процес. Веднаш штом ќе најдеме решение за сите прашања кои не се затворени, веднаш ќе бидат соопштени одлуките“,
вели Заев.
Заев, кој денеска го доби мандатот за составување Влада, порача дека се подготвува да биде премиер 4 години, што е спротивно на ставовите на потенцијалниот коалициски партнер ДУИ, од каде бараат премиер Албанец барем една година од 4-годишниот мандат на идната влада.
„Денеска го добивам мандатот и се подготвувам да бидам премиер 4 години, цел мандат. Но, секако една од темите на преговорите меѓу СДСМ и ДУИ е таа, таа е реалноста и тоа го знаат граѓаните. Но, јас сум целосно среќен, после сите одлуки кои ги донесовме на надворешен, но и домашен план, добив чест како победник да ја испратам пораката дека не е точно дека политичарите кои носат храбри, мудри, исправни одлуки, дека заминуваат во политичката историја“,
рече Заев.
На новинарско прашање дали ќе го врати мандатот доколку во рок од 20 дена не успее да формира Влада, Заев посочи дека таков случај веќе имало на претходните парламентарни изброи во 2016 година.
„Тогаш ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу мандати, но не успеа да состави Влада. Шанса потоа добив јас, како лидер на второрангираната коалиција и успеав да формирам Влада. Но, овојпат нема да биде така, јас ќе успеам да формирам Влада“,
рече Заев.