Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на новинарско прашање за разговорите за формирање парламентарно мнозинство и Влада, денеска посочи дека нема детали и не би навлегувал повеќе во преговорите.
„Да оставиме што ќе се случува и како ќе се развива текот на преговорите наредните денови, па ќе соопштиме дополнително“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовски денеска го повтори ставот на партијата дека, според нив, македонското Собрание во овој момент не е комплетно конституирано.
„Претседавачот, господинот Џафери, веднаш по точката за верификација на мандатите ја прекина конститутивната седница и практично во овој момент како што стојат работите ние имаме некомплетно конституирано Собрание без претседател на Собранието, што е дел од политички договор. Тоа било така и во минатото, и доколку го сумираме ставот накратко, во овој момент не е комплетно конституирано македонското Собрание“,
рече Арсовски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Од СДСМ утрово соопштија дека претседателот на нивната партија Зоран Заев ќе биде мандаторот за состав на новата Влада која ќе ја води државата во следните четири години. Од партијата секојдневно тврдат дека во тек се сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски предмалку соопштија дека шефот на државата утре ќе му го врачи мандатот на Заев. Пендаровски има сознанија за досегашниот тек на преговорите за формирање мнозинство кои сè уште не се финиширани со договор.