Орце Камчев утрово се појави во Основниот кривичен суд во Скопје за да сведочи за случајот „Рекет“, но сам, без сопругата Ана.
Тој рече дека таа имала температура денеска и дека ќе дојде да сведочи на наредното рочиште.
Сведочењето на бизнисменот треба да почне во секој момент.

Пред обвинителката Вилма Русковска да почне да го испрашува Камчев, Бојан Јовановски-Боки 13 повторно се пожали на здравствената состојба, како и на тоа дека нема рамноправност во предметот.

Судијката Васка Николовска-Масевска го прекина обраќањето на Боки 13 посочувајќи дека ако има потреба ќе го прегледа лекарска екипа, а ако има да каже нешто процесно во врска со предметот да го направи тоа. Таа го опомена и дека ако продолжи да зборува без дозвола од судот ќе го отстрани од судницата.
Камчеви се први од листата сведоци кои ги предлага обвинителката Вилма Русковска, а нивните искази во судница ќе ги слушаат само двајца од обвинетите, Бојан Јовановски-Боки 13 и ексшефицата на СЈО, Катица Јанева бидејќи третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина и доби три години затвор.
Камчев е еден од бизнисмените кои се осомничени во истрагата „Империјата“ и според обвинението од него биле земени пари за тој да добие полесен третман во случајот. Јанева се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања, а нејзините активности, според воведните зборови на Русковска, биле тоа што таа на Јовановски му откривала детали од истрагите со цел тој потоа од осомничените да бара огромни суми пари за постапките да завршат со условна казна, на име на државата да се плати незначителен износ на пари, а во најдобар случај, бизнисмените да не бидат обвинети туку заштитени сведоци.
„Преку Зоран Милески-Кичеец, Јовановски стапил во контакт со Ана Камчева. Какви биле тие средби, што се разговарало, ќе слушнете од сведочењето на Ана Камчева“, најави Русковска.
Откако бил исплатен дел од сумата, а Јанева дала согласност притворот на Камчев да се замени со домашен притвор, Боки 13 и Кичеец имале средби и со бизнисменот во неговиот дом.
Токму од безбедносните камери во домот на Камчев во јавноста преку италијанскиот весник „Верита“ излегоа и аудио и видеоснимки од средбите, кои обвинителството ги предлага како докази. Покрај замената на притворот со домашен, понатаму Камчев со согласност на Јанева доби и времен пасош.
Наспроти најавите на Русковска дека има несоборливи докази против обвинетите, Боки 13 и Јанева негираа вина. И поранешната специјална обвинителка и нејзините адвокати во воведните зборови тврдеа дека таа не е дел од оваа афера и дека со нејзините постапки ниту ги пречекорила ниту ги злоупотребила нејзините положба и овластувања.
Боки 13, пак, во своето прво обраќање пред судот рече дека „Рекет“ е конструиран случај и дека преку овој предмет се водат валкани политички игри. Тој зборуваше и за чантата „луј витон“ посочувајќи дека снимките од камерите од домот на неговите родители ќе откријат каде завршила таа. Јовановски најави дека ќе сведочи за сите инволвирани за, како што рече, организаторот, помагачите и за сето тоа ќе бидат поднесени кривични пријави преку неговиот бранител.