Фирмата МОНТ, во која инспектори ја проверуваат документацијата, пред нецели две недели ја променила управителката на фирмата – од 25 ноември 2019 година како управителка е заведена Виолета Богиќевиќ на местото на Кристина Камчева-Стојческа, сестрата на Орце Камчев.
Камчева -Стојческа била управителка на МОНТ од 18 април 2016 година.

Името на новата управителка, Виолета Богиќевиќ, не се јавува во ниту една друга фирма, ниту како сопственичка ниту како овластено лице.
Фирмата МОНТ, пак, е во целосна сопственост на „Орка холдинг“. Оттаму попладнево излегоа со соопштение во кое велат дека инспекцијата е добредојдена и демантираат дека се поврзани со кампањата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека од нив маици набавувала компанијата „Полиестердеј“.
„Полиестердеј“ е втората домашна фирма во која денеска влегоа инспекторите во врска со долг за печатење маици за ВМРО-ДПМНЕ, како дел од изборната кампања за претседателските избори во април и мај годинава.
Како газда на оваа фирма се јавува Филип Спасовски, кој како сопственик и овластено лице се јавува во четири фирми.
Според информациите до кои дојде „360 Степени“, во МОНТ и во „Полиестердеј“ се проверува придружна документација и договори склучени со ВМРО-ДПМНЕ за предизборната кампања. Случајот го води Основното јавно обвинителство – Скопје, отворен по допис од МВР за сомнителни околности во врска со финансиските извештаи на една политичка партија и дека треба да се направат дополнителни проверки за евентуални нерегуларности.
Предметот сè уште е во рана фаза – предистрага и затоа сега не може да се каже дали има нешто противзаконско, ниту дали партијата и некој друг може да се најде под истрага за финансирањето на кампањата.
Обвинителството засега проверува документација само кај домашните фирми, но, според извори од истрагата, МВР преку меѓународна соработка истражува и една странска фирма од Шпанија.
Дополнително, обвинителството ги очекува и финалните финансиски извештаи од Државниот завод за ревизија за да се проверат оваа, но и останатите политички партии кои учествуваа на изборите во април и мај.
Од финансискиот извештај за приходите и расходите на изборната кампања на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, објавен на веб-страницата на Државниот завод за ревизија, може да се забележи дека има долг од околу 442.000 евра.

Порталот Нова ТВ на 15 ноември објави дека оваа партија преку фирмата „Полиестердеј“ требала да испечати 270.000 маици за изборите. Но, бидејќи немала доволно, 100.000 парчиња купила од МОНТ на „Орка холдинг“.