Принципите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој вчера посочи дека целосна реформа во администрацијата, како и прочистување на правосудството ќе бидат темите со кои ќе пристапи во разговорите за коалицирање, се стари ветувања, но важно е да се реализираат темелно, велат универзитските професори Борче Давитковски и Ана Павловска-Данева за „360 степени“
Лидерот на СДСМ вчера рече дека новата Влада ќе ја намали администрација за 20%, ќе има спојување на ресори и управи, како и кратење на министерствата без ресор и рационализација на јавните служби.
Ова се стари ветувања за кои постојано се зборува, вели за „360 степени“ универзитетскиот професор по административно право Борче Давитковски и порачува дека новата Влада итно ќе треба да се зафати со овие прашања.
„Јас цело време кажувам дека само ние во Европа имаме министри без ресор. Тие министри без ресор припаѓаат на коалиционите партнери. Во поглед на администрацијата важно е да имаме, мораме да имаме мала, функционална администрација и заради европскиот процес кој следува. Така ќе престане да се трошат непродуктивни средства, тоа е важна компонента. Отприлика 700-800 милиони евра годишно одат за плати во администрација, тие пари автоматски може да се пренаменат, на пример за патишта. Убави се идеите, ама не сум сигурен дека ќе се остане доследно на нивно спроведување до крај кога ќе почнат пазарите. Би било убаво новата влада уште на почетокот да се зафати со овие прашања. Реформи на крај на мандат не се прават“,
вели Давитковски.

Во делот на правосудството и во предизборната програма и сега СДСМ повторува дека прочистување на правосудството и проверка на потеклото на имотот на судиите ќе бидат приоритет. Крајно време е за реформи во правосудството, вели професорката од Правниот факултет при УКИМ, Ана Павловска – Данева, но подвлекува дека не смеат да се преземаат ад-хок решенија.
„Ветинг или прочистување на судиите врз оснoва на потеклото на имот и разрешувањее на судии кои ќе застарат предмети, како решенија сами по себе нема да донесат реформирање. Застарувањето на предметите не секогаш е по вина на судиите и тоа го знаат сите правници, клучна улога има обвинителот, еднакво и адвокатот. Оттука ако се земе по автоматизам не значи ништо, зашто може да се разрешат судии кои застариле предмети, а се одлични или обратно. Во однос на проверка на потеклото на имотот, што треба да го прави Антикорупциската комисија, таа не располага со софтверско решение, како ќе го следи имотот? Овој критериум го воведе Албанија и ден денес не е завршен“,
вели Павловска-Данева.

Професорката Павловска-Данева смета дека потреба е коренита реформа, како и испитување како дел од судиите, воопшто, дошле до таа престижна позиција, а со тоа го валкаат угледот и на останатите чесни судии.
„Прво, треба да се смени системот за избор и разрешување преку Судскиот совет. Покажаа неколку Совети дека не можат, не се функционални. Второ, Академијата за судии и обвинители треба да постои, но не може да биде единствен филтер. Треба коренит пресврт и враќање години наназад. Ако се прави за секој судија ветинг, да се види при приемот дали ги исполнувал условите. Тоа е коренита реформа, но не може да се изведе во еден мандат. Треба да се убедат и самите судии и чесните судии зошто е неопходно ова. Јас таква програма, таков настап од сите чинители не видов досега“,
додава таа.