И двајцата лидери на двете најголеми политички партии од македонскиот блок, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, најавуваат дека ќе ја формираат идната Влада. Рокоите за преговори течат, но засега не се знае што може да се очекува како конечен договор меѓу политичките лидери кои освоија пратенички мандати во Собранието.
Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
„Уверен сум дека ќе успееме да формираме стабилна и успешна влада со мандат од четири години. Ова го темелиме на основ на бројките. Ќе ги слушнеме размислувањата и врз основа на тоа ќе пресечеме. На граѓаните им треба сериозен пристап, а не калкулации и исполнување некакви агенди“,
рече вчера Заев и додаде дека очекува резултати од преговорите во наредните десет до 15 дена.
Тој најави дека ќе се види со сите претседатели на партии од албанскиот политички блок, а работните групи и членовите на партиските раководства ќе имаат постојани средби на повеќе нивоа додека трае преговорачкиот процес за коалиција и составување парламентарно мнозинство.
Мицкоски најави дека во периодот што следи ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зачести средбите со политичките партии кои се дел од сегашниот парламентарен состав, но не само со оние од албанскиот блок, туку и со оние од коалицијата на СДСМ.
Тој вели дека изборите кои се одржаа на 15 јули, биле најнедемократските избори што се случиле во изминативе 30 години во земјава и обвини дека Владата предводена од СДСМ се позајмила една милијарда евра за други цели, а ги потрошила за поткуп пред избори.
„Затоа ние ќе бидеме силно фокусирани на парламентарно мнозинство кое ќе поддржи Влада која вистински ќе се справува со предизвиците кои ги споменав, а не Влада која ќе фингира справување и од предизвиците да создава нови предизвици само да може одговорноста да ја префрли на друг“,
рече Мицкоски.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села во контекст на формирањето нова влада, пред вчерашното конституирање на парламентот изјави дека очекува да има правна држава која побрзо ќе стане членка на ЕУ. Според Африм Гаши од Алтернатива, пак, на партиите им треба повеќе политичка култура и волја да им служат на граѓаните.
„Рано е да се зборува за очекувањата“,
рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Според него, преговорите за формирање нова влада може да почнат, но уште нема ништо конкретно.
Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.
На парламентарните избори што се одржа на 15 јули годинава, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ доби 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два, а ДПА еден мандат.