Наместо зеленило, во Бутел ќе никнат згради – регулацискиот план што требаше да го коригира ГУП и со него да се искористи можноста за зголемување на зелените површини во градот пропадна со усвојувањето на планот од страна на мнозинството, реагира советничката во Град Скопје, Драгана Велковска.
Според неа, не се гарантира заштита на критичните земјишни ресурси и не се користат разумно, со тоа што целосно се пренаменуваат во домување. Со оваа одлука, како што вели таа, наместо да се зауздаат општините од неконтролирано градење, се прави само „шорткат“ за носење штетни Детални урбанистички планови.

„Планерот си поставува извесни цели и дава препораки (повеќе зеленило за неутрализирање на тропските ноќи) кои не се одразени во графичкиот и нумеричкиот приказ. Таму остануваат само постоечките 0,26 хектари (=2600м2) парковско зеленило за повеќе од 6 илјади жители, иако имало шанса да се зголеми поради големото присуство, т.е. 9,2 хектари (92 000м2) на земјиште под лозови насади веднаш покрај булеварот ‘Христијан Тодоровски Карпош’. Ако онаму каде што има површини на неискористено државно земјиште не ги намениме во зеленило, тогаш што правиме со оние четврти каде што нема? Ќе се откажеме од достигнувањето на стандардите 25 м2 по жител и 16% зеленило на ниво на град?
реагира на Фејсбук, Драгана Велковска, членка на Совет на Град Скопје
Велковска барала повлекување и доработка на регулацискиот план, но предлогот бил одбиен.

Одлуката за усвојување на планот беше донесена во вторникот на 53-та седница на Советот на Град Скопје. Оттаму објаснуваат дека целта за изработка на регулацискиот план е да се направи стратегија за просторен развој на локацијата, во случајов, четврт Ц 15, но дека понатаму, општината, во случајов (Општина Бутел) е таа која ќе ги дефинира точните намени на земјиштето. Потсетуваат дека со последните измени на Законот за урбано зеленило за секоја градежна парцела предвидени се најмалку 20% зелена површина.
„Примарен мотив за изработка на регулацискиот план на Генералниот урбанистички план е изготвување на стратегија за просторен развој на четвртта во сите сегменти. Тој поставува концепт за просторен развој, уредување и заштита на територијата на четвртта, потребни просторни услови за рационално планирање на истата и можност за нејзина операционализација преку изработка на детални урбанистички планови. Планот дефинира основни решенија за развој на четвртта во организација на просторот, негова намена, користење и уредување.“
се наведува во одговорот од Град Скопје.

Регулацискиот план за четврт С 15 се наоѓа во Општина Бутел и е со вкупна површина од 78,64 хектари, помеѓу „Бутелска“ и „Х.Т.Карпош“.

На почетокот на својот мандат градоначалникот Петре Шилегов најави дека ќе се донесат 23 регулациски планови на Генералниот урбанистички план, со што ќе се ограничува вцртувањето маркички за згради и деловни објекти. Како што тогаш најави Шилегов, целта е стеснување на просторот за манипулирање на општините во донесувањето на деталните урбанистички планови.
„Определуваме кој тип определени градби мора да ги предвидат и во кој обем, за да спречиме нехуманите градби кои го намалуваат квалитетот на живот во градот“
изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов (јули 2018).