Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, во изјава за „Нова ТВ“ вели дека вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера на Kлиниката бил повикан како абдоменален хирург за конзилијарен преглед, па го искористил моментот да го посети претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е хоспитализиран.
„Тој беше дојден за конзилијарен преглед кај друг пациент, па го искористил моментот да го види пациентот“
изјавила Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.
Таа вели дека Џафери има класична слика на пациент со ковид-19, без разлика што првиот тест му бил негативен и затоа го лекуваат со терапија за коронавирусот. Нагласува дека имаат пациенти и со 3-4 негативни теста, кои потоа се покажуваат позитивни на вирусот.
Османи, пак, кој ја објави фотографијата од болничката соба, за „360 степени“ рече дека бил дежурен на работа и дека Џафери е негативен на корона.
Од почетокот на пандемијата, болничките посети се забранети и строго регулирани во сите болници низ државата.
Џафери е сместен на Инфективната клиника од 24 јули со пневмонија, а сите направени тестови за ковид-19 му се негативни.
