Проценките во овој момент се дека шансите за избор на спикер истиот ден кога ќе почне конститутивната седница се многу мали, со оглед на тесниот распоред на сили по изборите, така што сè уште не гледаат јасно контурите на идната владејачката коалиција
Прашање е дали Џафери ќе закрепне целосно до 4 август за да може и да претседава со првото заседание на новиот парламент. Во спротивно, прв „поканет“ да ја води седницата би бил највозрасниот пратеник – Стојан Миланов од СПМ
Десеттиот парламентарен состав ќе ја почне конститутивната седница во вторник, но прашање е дали таа ќе заврши истиот ден, односно дали на 4 август ќе биде избран и идниот претседател на Собранието.
Проценките во партиите што претендираат да учествуваат во новото парламентарно мнозинство и во идната влада во овој момент се дека шансите за избор на спикер истиот ден се многу мали, со оглед на тесниот распоред на сили по изборите, така што сè уште не се гледаат јасно контурите на владејачката коалиција на Илинденска.
Сепак, очекувањата се дека изборот на нов спикер овој пат нема да се одолговлече како по последните парламентарни избори во 2016 година, кога конститутивната седница почна на 30 декември, а дури на 27 април 2017 година доживеа насилна завршница, кога Талат Џафери беше избран за прв парламентарец.
Тоа беше втор случај во хронологијата на парламентаризмот во земјава, конститутивната седница, која почнува со верификација на мандатите на новоизбраните пратеници и со формирање на комисиите за деловнички прашања и за избори и именувања, да не заврши истиот ден со избор на прв парламентарец. Првиот таков случај беше во 2006 година, кога неколку дена се чекаше на изборот на Љубиша Георгиевски, поради тоа што не беа договорени сите детали околу владејачката коалиција што тогаш ја формираа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, по смената на власта во земјава.
Џафери денеска, веројатно, во Инфективната клиника, каде што е хоспитализиран, го потпиша решението за свикување на конститутивната седница. Но прашање е дали тој ќе закрепне целосно до 4 август за да може и да претседава со првото заседание. Во спротивно, прв „поканет“ да ја води седницата би бил највозрасниот пратеник – Стојан Миланов од Социјалистичката партија, која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Следен според возраста е Илија Николовски од Партијата на пензионерите, односно од коалицијата на СДСМ.
Како што беше соопштено, негативни се три последователни теста на ковид-19 што Џафери ги направил откако беше хоспитализиран, наводно, поради пневмонија. Според тоа, проценките се дека, ако неговото закрепнување оди добро, тогаш тој би можел да избегне самоизолација и да се врати на работното место дента кога ќе почне првата седница на новото Собрание.
Според калкулациите меѓу партиите што се застапени во парламентот, вистинското прашање, всушност, би било дали Џафери ќе биде реизбран на чело на законодавниот дом, со оглед на тоа што ДУИ, која освои 15 пратенички мандати на овие избори, се наметна како одлучувачки фактор за формирање на идната влада.
Сепак, не се исклучуваат и други сценарија, со оглед на предизборната кампањата на ДУИ за премиер Албанец, како идеја што веројатно нема да се реализира, ама може да ѝ „помогне“ на досега владејачката партија да ги зајакне позициите во извршната власт, така што би се откажала од спикерското столче, а дел од своите најистурени кадри во законодавниот дом би ги делегирала на министерски функции.
Во секој случај, очекувањата се дека во што поскоро време ќе биде избран претседателот на новиот парламент, затоа што од тоа зависи и кога ќе може да се свика собраниската седница за избор на идната влада, со оглед на тоа што избраниот спикер е единствен кој, според Уставот, може да закаже пленарна седница.
Пред распишувањето на изборите, Џафери изјавуваше дека, и покрај тоа што не е сменет собранискиот Деловник, тој може да гарантира дека овој пат првата седница на новиот парламент ќе помине во најдобар ред. Односно дека нема да дозволи да случи нешто слично како при неговиот избор на чело на законодавниот дом – на 27 април 2017 година.
Собранискиот состав што заминува не успеа да ги донесе измените во Деловникот, чија главна цел беше да се превенираат насилства како што се случија на финишот на „маратонската“ конститутивна седница на парламентот, кој беше избран на 11 декември 2016 година. Една од главните промени што се предвидени со нацрт-измените е да се ограничи времетраењето на конститутивната седница на два до три дена, во кои ќе мора да се избере и прв парламентарец.