Поранешниот член на Комисијата за заштита од дискриминација Тони Науновски, во чие време Груевски го доби единственото мислење од државна институција дека е дискриминиран, вели дека губењето на статусот „почесен претседател“ може да го „врати“ поранешниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ назад во Македонија
Промените на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, со кои Никола Груевски повеќе не е почесен претседател на партијата, се „нож во грб“ за поранешниот лидер на сега опозициската партија. Така тврди Тони Науновски, поранешниот член на Комисијата за заштита од дискриминација кој беше избран на функцијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2016 година.
Причината, според него, е што токму статусот „почесен претседател“ била една од основите поради кои Комисијата во 2018 година даде мислење дека Груевски е дискриминиран, што пак бегалецот го искористи како документ за да бара азил во Унгарија.
„Таков удар во грб. Таков удар во грб. Тоа што му го направија на тој човек сега, со тоа што му ја земаа титулата, мислам дека е предавство не само кон него туку како да кажам, контрадикцијата на ВМРО која секогаш се грижела за своите членови“,
изјави Тони Науновски во гостувањето на емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
На контрирањето од соговорникот во емисијата Александар Пандов, Науновски дообјасни, како губењето на статусот може да се одрази на азилот.
„Значи неговиот статус на политички бегалец, азилант во Будимпешта, беше добиен во голема мерка и заради таа титула почесен претседател на најголемата политичка партија во Македонија… Значи неговиот политички статус таму, беше добиен во голема мера поради тој факт, дека е почесен претседател. Сега, овие неговите што тој ги постави, му го удрија ножот во грб, фигуративно кажано, и го оставија на цедило таму. Затоа што сега може, некој кога ќе побара Интерпол, од Македонија и така натаму, значи кога ќе побараат преиспитување на неговиот статус, тој ќе го нема документот и фактот дека е тој почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Науновски
„360 степени“ го провери и мислењето на Комисијата од 2018 година, кое беше изготвено во експресен рок и тоа една недела пред Груевски да побегне од земјата. Во него, мнозинството навистина го споменува статусот „почесен претседател“, но и не само тоа.
На 10-тата страница на документот пишува:
„Комисијата утврди дека постои директна дискриминација по поднесената претставка од Никола Груевски… а врз основа на личен и општествен статус како поранешен Претседател на Влада на РМ и поранашен Претседател на политичка партија а сега почесен Претседател на истата… што како последица имало одземање, односно нарушување и ограничување на еднакво признавање на правото на правично судење како основно човеково право од судијата Добрила Кацарска од ОСС Скоје 1 Скопје”,
се вели на страница 10 од мислењето на КЗД по претставката на Никола Груевски.