Сите новинарски екипи што се пријавиле за да го следат Самитот на НАТО ќе добијат еден вид „посебна виза“ и утре ќе можат да патуваат, откако денеска осум екипи, со купени билети за Лондон, останаа во Скопје бидејќи не ги добија назад пасошите од Варшава, Полска каде што требаше да им биде издадена британска виза.
Ова попладнево за „360 степени“ го потврдија од Владата, откако група новинари денеска се пожалија дека го пропуштаат Самитот на НАТО поради доцнењето на визите, а критиките кон Владата беа дека таа не обезбедила групно аплицирање за Самитот.
Од Владата велат дека ги направиле сите можни чекори. Со дипломатска нота побарале новинарите навреме да добијат визи.
„Ние не сме организатори на настанот, но повикот беше распишан пред еден месец и медиумите се пријавија согласно јасно наведени критериуми. Сепак, настана непријатна ситуација така што до денеска нема потврда за поголем дел од новинарите и тие до денес не ги добија назад своите пасоши со визите. Сепак, од овој момент имаме добра вест. Со заеднички напори на Британската амбасада, на Владата, со разбирање и со соработка со новинарите, успеавме да го решивме проблемот. Одлучено е Британската амбасада да им издаде на новинарите еден вид „посебна“ важечка виза и тие утре ќе можат да патуваат. За компензација поради настанатата ситуација, новинарите ќе добијат и бесплатни авионски билети за утре да пристигнат во Лондон. Им благодариме на новинарите за разбирањето и соработката, следењето не овој настан е од особено значење за домашната јавност, имајќи предвид дека Северна Македонија првпат учествува на ваков начин во работата на НАТО-лидерскиот состанок, како земја која наскоро ќе стане 30-та членка на Алијансата“, велат од Владата за „360 Степени“.
Од Британската амбасада во Скопје потврдија само дека проблемот е решен и дека новинарите ќе може утре да патуваат.
Инаку, македонската влада за Самитот во Лондон го покрива локалниот транспорт и сместувањето на медиумските екипи, но аплицирањето за виза е индивидуално.