Коалицијата Алијанса-Алтернатива утре во 19 часот ќе одржи демонстративан марш во знак на револт за изборниот ден и пребројувањето на гласовите на предвремените парламентарни избори.
„ Маршот за демократија не е само протест, туку е јавен израз на волјата на албанскиот граѓанин во Северна Македонија, кој по последните избори смета дека сериозно се оштетени демократијата и начинот на изразување на слободната волја на албанскиот граѓанин. Овој марш-токму пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје ќе испрати јасна порака дека една држава којашто ги започнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основното човеково и политичко право во ЕУ“,
изјави на прес-конференција портпаролката на Централниот штаб на коалицијата, Нурџан Асановска.
Таа додаде дека маршот ќе се организира согласно препораките за заштита од ковид-19.
„За да се избегне каква билo можност за инфекција, организаторите се погрижија и за бројот на учесниците. Впрочем, за коалицијата ништо не е поважно од здравјето. Затоа, заштитните маски и одржувањето дистанца, како и грижата за здравјето на учесниците се задолжителни обврски за успешна граѓанска акција“,
рече Асановска.
Маршот ќе започне од паркот Чаир во Скопје, потоа ќе помине пред Влада и ќе заврши пред канцелариите на Делегацијата на Европската Унија.