„Со овој Статут ВМРО-ДПМНЕ ги регулира односите внатре во партијата, не внатре во државата. Она што е суштински важно е што ВМРО-ДПМНЕ го има најдемократскиот статус во државата и регионот“, велат од партијата за „360 степени“
На социјалните мрежи веќе втор ден „врие“ од реакции и коментари откако синоќа почнаа да се споделуваат фотографии од новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ. Причината за возбудата се споредбите со стариот Статут, дека на местата каде стоело старото уставно име „Република Македонија“ сега или не стои име или пак има формулација „државата“.
Конкретно, во објавите за членот 8 кој се однесува на целите и задачите на партијата, се споделува дека во стариот Статут пишува дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за „развој и просперитет на независна и суверена Република Македонија“.

Во изменетиот Статут, пак, како што се гледа од објавите, пишува дека основни цели и задачи на партијата се „развој на независна, самостојна, граѓанска и демократска држава“.

На официјалната веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ сè уште стои стариот Статут каде во неколку членови се споменува „Република Македонија“.
„360 степени“ праша во партијата дали е точно дека со измените е избришано старото уставно име на државата и каде може интегрално да се пронајде изменетиот статут донесен на 21 јули.
Оттаму, во одговорот кои ни го испратија денеска посочуваат:
„Со овој Статут ВМРО-ДПМНЕ ги регулира односите внатре во партијата, не внатре во државата. Ќе потсетиме дека ВМРО-ДПМНЕ се пререгистрира во време кога името на државата беше Република Македонија. Ова име кое партијата го употребува во секојдневната комуникација, во време на изборната кампања и е дел од програмските документи за време на кампањата. Она што е суштински важно е што ВМРО-ДПМНЕ го има најдемократскиот статус во државата и регионот, кој забранува деспотско и режимско владеење какво што има во другите партии“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На дополнителното конкретно прашање дали е избришано името „Република Македонија“ од местата каде се споменува во Статутот или е лажна информација, до моментот на објавување на овој текст не добивме одговор.
Државната агенција МИА, пак, во текст објавен утрово наведе дека во во новиот Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, името „Македонија“ се споменува само во Член 72: „Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ е тело на партијата кое ја застапува и брани идејата за самобитноста на македонскиот народ и неговото право на самопределување и државност, укажува на потребата од почит кон борците во сите националноослободителни војни за Македонија, негување и заштита на македонското историско и културно наследство, како дел од европската историја, култура и цивилизација“.

Измените во Статутот, на прес-конференција по седницата на Централниот комитет на 21 јули, ги презентираше претседателот на статурната комисија при ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски, најавувајќи дека тој носи поголема демократија и реформи во партијата.
„Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за измена на статутот на партијата во насока на поголема демократизација на партијата, пренесување на поголеми надлежности над членството и органите и телата на партијата следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии, пред се Германската ЦДУ, австриската конзервативна партија и останати сестрински партии од европското семејство. Новите измени се револуционерни во насока на поголема демократија во водењето на партијата, повеќе право на одлучување на комитетите и членовите во водењето на политиките на партијата и се плод на повеќегодишна анализа и соработка со напредните политички партии“,
рече тогаш Тошковски.
Една од повпечатливите измени која беше презентирана е што се овозможува примена на начелото на непосредна демократија, односно партијата е должна да им овозможи на сите оние што се релевантна група истомисленици да си го искажат своето мислење и воедно, врз основа на таквиот нивен став, партијата да донесе партиски став кој во иднина ќе се применува од страна на сите членови на партијата, со цел подобрување на целокупниот општествен живот во земјата.
Исто така, на три се ограничи и бројот на мандати на претседателот и останатите лица во раководството на партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ на претседателот на партијата, претседателите на Општинските комитети, како и на претседателите и членовите на сите органи и тела кои се бираат на конгрес, согласно новиот Статут им го ограничува мандатот на 4 години, при што максимум на истата функција, кој и да било од овие функционери може да се задржи најмногу три мандати и тоа под услов да третиот мандат е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство“,
рече Тошковски.
Се укина и титулата почесен претседател, која досега ја имаа двајцата претходни лидери, Љупчо Георгиевски и Никола Груевски.