Првата молитва во Света Софија или Аја Софија, како што е позната во Турција, на која денеска присуствуваа илјадници верници откако ѝ беше вратен статусот од музеј во џамија, предизвика остри реакции во Грција, јави дописничката на МИА.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видеопорака до граѓаните по повод 46-годишнината од враќањето на демократија во Грција се осврна и на односите со Турција, коментирајќи дека со постапки како што е претворањето на Света Софија во џамија, Турција „ја навредува културата на 21 век“.
„Сето она што денеска се случува во Истанбул не е манифестирање моќ, туку доказ на слабост. Јасно е дека она што се случува нема моќ да го засени сјајот на еден споменик од светското наследство. Но, оцрнети се универзалните вредности. Затоа потребна е и универзална осуда“,
рече Мицотакис.
Со реакција излезе и портпаролот на СИРИЗА, Алексис Харицис кој рече дека денешната молитва во Света Софија и тоа на годишнината од Лозанскиот договор е „националистичка провокација со длабоки елементи на авторитаризам“.
„Света Софија им припаѓа на сите и требаше да остане симбол на верските слободи, сјајно обележје на соживотот и дијалогот против логиката на верската конкуренција или конфликтот на културите“,
вели Харицис во писмената изјава.
Денешното и официјално претворање на Света Софија од споменик во џамија и манифестацијата во Истанбул е една од главните теми во грчките медиуми.
Дел од телевизиите се вклучија во живо од Истанбул во моментите кога Ердоган пристигна во Света Софија, а коментарите на новинарите се дека станува збор за „провокација од Турција“, за „тажен и црн ден за христијанството“, за „сквернавење на споменик од светското културно наследство“ и сл.