Изборната реформа, што беше договорена со посредство на странски дипломати, е еден од 15 услови за почеток на преговорите со ЕУ
Партијата на Еди Рама се залага и за уставни измени кои би овозможиле секоја партија самостојно да учествува на избори, без сојузи со други политички субјекти
По сите недоразбирања и разидинетост меѓу владејачкото мнозинство и вонпарламентарната опозиција, попладнево албанскиот парламент, со 99 гласови „за“, шест „против“ и четири „воздржани“ ги усвои изборните реформи.
Станува збор за текст договорен на 5 јуни на седница на Политичкиот совет, во кој членуваат претставници од владеачката Социјалистичка партија, вонпарламентаната и парламентарната опозиција.
Во петчасовната расправа учествуваше и премиерот Еди Рама, кој и од собраниската говорница не се откажа од предлогот за уставни измени со кои се укинуваат изборните коалиции.
„Нема отстапка од нашиот предлог за укинување на изборни коалиции,за што се потребни уставни измени, што ќе ги донесеме на седница на 30 јули“,
рече меѓу другото Рама.
Тој додаде дека Социјалистичката партија не ја раководи никој друг освен луѓето кои ги застапува и кога е во владата се предводи од обврските што ги има кон оваа земја, отфрлајќи ги обвинувањата дека партијата работи под диктат на странците.
„Никој не ни наредува. Слушнав дека Политичкиот совет наводно формирал глобален сојуз со САД, ЕУ, ОБСЕ/ ОДИХР и не знам кој друг. Тоа не е точно. Политичкиот совет е создаден по наша волја и СП, која има можност да ја види политичката реалност и надвор од оваа просторија. САД, ЕУ дадоа придонес затоа што Демократската партија , која сака да дојде на власт, не знае да зборува албански со Албанците“,
обвини Рама.
Изборната реформа, што беше договорена со посредство на странски дипломати, посебно американската амбасадорка Јури Ким, е еден од 15-те услови за почеток на преговорите со ЕУ.