Големиот број заразени од ковид-19 во Штип, бара сите граѓани да се придружат и да дадат максимална поддршка во справувањето со новиот бран на ковид-19, изјави денеска градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
„Поминавме низ еден тежок период на карантински викенди, полициски часови, блокада на цели сектори со сериозен удар врз економијата, па полека понавме со олабавувањата на мерките и внимателно враќање на животот во оваа нова нормалност. Кристално ми е јасно дека ниту еден граѓанин не посакува повторно враќање на сите овие состојби во градот, но сакам да ја искористам оваа прилика да замолам, да побарам од секој еден граѓанин, највисока општествена и здравствена одговорност за себе и за останатите граѓани. Иако Општина Штип не носи одлука за карантин или полициски час, сакам да го искажам мојот став дека сум оптимист и верувам дека ќе успееме да го пребродиме овој бран, без притоа да се случи делумно или целосно затворање на градот, рече градоначалникот. Затоа ние мораме да направиме се за да не дозволиме да продолжи растот на новозаразени, а со тоа да се преполнат капацитетите на болниците и повторно да се вратиме на поголеми ограничувања во функционирањето на луѓето и на градот“,
рече Бочварски.
Тој информира дека разговарал со сите инспекторатите, со полицијата, со обвинителството како репресивни органи и побарал нивен поголем ангажман санкционирање на прекршувањата без оглед кој и каде ги прави.
„Нема да дозволиме било кој да биде поштеден при прекршување на законите“,
вели Бочварски.
Инаку Клиничка Болница Штип и Министерство за Здравствозаедно со локалните власти веќе работат на поставување монтажен објект во кругот на Клиничка Болница за да се зголеми капацитетот во наредниот период, доколку состојбата се влоши.
„Сите овие активности се во насока на поддршка и на заштита на колективното здравје на граѓаните, но ова не мора да значи ништо, доколку не се вклучиме сите и доколку секој еден општествен чинител или поединец не ја сфати оваа состојба најсериозно. Сите субјекти, невладини организации и бизнис секторот, сите институции, секој граѓанин, буквално сите мораат да имаат до знаење дека здравствените работници се уморни, дека се изложени на сериозен ризик, поголем од сите нас и дека будно 24 часа се грижат за секој на кој му е потребна помош. Да им помогнеме на здравствените работници, со тоа му помагаме на здравствениот систем да биде подготвен и во иднина да се справува со предизвиците. Затоа барам сите без исклучок да ги почитуваме трите основни, едноставни и на секого јасни критериуми коишто се посилни и позначајни од било која друга мерка. Ова е предизвик и сериозен проблем за целото општество, а јас сум убеден дека не постои проблем кој неможе да биде надминат со сериозен и внимателен пристап,“
истакна Бочварски на прес конференцијата.