Како што јавуваат медиумите во Софија, протести има и во повеќе европски престолнини, каде што бугарските заедници изразуваат поддршка, со повици за промена на лошиот модел на управување
Десет дена во континуитет се одржуваат антивладини протести во Софија и во други бугарски градови.
И покрај дождливото и студено време за овој период од годината, и денеска демонстрантите излегоа со чадори во центарот во Софија, барајќи оставка од Владата на Бојко Борисов и од главниот обвинител.
На почетокот на десеттиот антивладин протест од озвучувањето во центарот на Софија одекнаа стиховите на Христо Ботев, бугарски револуционер и писател, споменуван како „истакнат анархист“ во време на турското ропство.
Песната „Мојата молитва – химна на правдата и честа“, како што пренесува Бгнес, ја снимиле млади актери, специјално за протестите.
„Протести има и во повеќе европски престолнини, каде што бугарските заедници во странство изразуваат поддршка, со повици за промена на лошиот модел на управување. Во Лондон, Париз, Мадрид и Копенхаген, нашите луѓе зад границата поставија рачно изработени постери со слоганот познат од Софија: ‘Нема лево, не десно – сите сме лути на вас“,
објави Бгнес.