Тоа е еден процес кој трае и не би сакал да нарушувам поединечност од тој процес, изјави партискиот портпарол за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ преговара со партии од албанскиот камп
ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да состави влада, потврди денеска партискиот портпарол Димче Арсовски. Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ, како партија, има најмногу пратенички мандати, додека СДСМ, како што рече, има помалку мандати затоа што настапувала во коалиција со Беса.
„Ние, како што рековме, а и претседателот Христија Мицкоски јавно кажа пред медиумите и граѓаните, ќе се обидеме да составиме влада, но не би сакал да навлегувам во детали сега, бидејќи тоа е еден процес кој трае и не би сакал да нарушувам поединечност од тој процес. ВМРО-ДПМНЕ е изборот на граѓаните и е партија која освои најмногу мандати во Македонија, бидејќи сите знаеме дека СДСМ беше во коалиција со Беса, која со нив нив освои четири мандати. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ има освоено повеќе мандати од СДСМ“,
рече Арсовски, на денешната прес-конференција, одговарајќи на прашање дали имаат комуникација со партиите на Албанците околу формирањето влада.
Тој посочи дека изборниот процес бил нарушен, но, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ, и покрај фалсификатите и поткупот на гласачи, победила во 41 општина, а СДСМ само во дваесетина.
„ ОБСЕ и ОДИХР во својот извештај за предвремените парламентарни избори испрати јасна порака дека е нарушената правната стабилност на државата и има правна несигурност. Аналогно на тоа и сите донесени ад-хок регулативи од Владата на СДСМ во вонредната состојба, интервенирајќи во Изборниот законик, како и значителните ревизии на Изборниот законик придонесоа да се поткопа правната стабилност“,
оцени Арсовски.
Во однос на приговорите што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ до ДИК, Арсовски рече дека генерално се однесуваат на две главни прашања: едното да се пребројат сите гласачки ливчиња, а другото се однесува на „оној дел каде што експоненти, функционери на СДСМ, јавно водеа кампања за прешкртување на гласачките ливчиња се со цел тоа да го претстават како повик на ВМРО-ДПМНЕ, а тие ливчиња подоцна да бидат неважечки.