Косовскиот претседател го заврши распитот пред Специјалното обвинителство во Хаг. Против Тачи, како еден од освновачите на ОНА, е подигнато обвинение за воени злосторства против цивили
Претседателот на Косово Хашим Тачи ја напушти Холандија, по четири дена распит пред Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за Косово во Хаг. Таму беше во својство на осомничен за воени злостроства при војната во Косово во 1998-99 година.
Тачи објави дека последното сослушување во холандската престолнина завршило и дека околу 18 часот попладнево слетал во Тирана. Најави обраќање пред јавноста за утре.
„Штотуку слетав во Тирана, на враќање од Хаг и вечерва ќе дојдам во Косово. Утре во 20 часот ќе говорам за четирите дена поминати во Хаг. Ви посакувам добар викенд. Ве уверувам дека никој не може да ја препишува нашата историја“,
напиша Тачи на Твитер.
Косовските медиуми објавуваат дека пристигнувањето на Тачи се очекува вечерва. На границата со Албанија веќе го чекаат десетици граѓани.
Против Тачи, како еден од основачите и водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), како и против други водачи на таа воена организација, е подигнато обвинение за злосторства против цивили од албанска, српска, ромска и друга етничка припадност во текот и непосредно по војната од 1998-99 година.