Од вкупно 19 општини во четвртата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ победи во 12 општини, а во две општини беше нерешено. Да го немаше масовниот поткуп и притисоците и уцените коие што се случија, ќе победевме и во останатите општини, вели Александар Николоски, носител на листата на коалицијата што ја предвиди ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4.
Тој обвини дека и вчера и во целата кампања имало масовен поткуп, притисоци, уцени и закани што и го припиша на власта што ја предводи СДСМ. Тој го повика Обвинителството и надлежните органи, да реагираат и да ги расчистат овие инциденти, кои како што рече го нарушија демократскиот процес на изразување на слободната волја на граѓаните.
„И покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ победи во 12 општини во четвртата изборна единица. Зоран Заев не успеа да победи дома, Зоран Заев не успеа да победи во четвртата изборна единица. И затоа со сите пријатели, со сите подржувачи во четвртата изборна единица ќе продолжиме да се бориме против криминалот и корупцијата во Македонија“,
вели Николоски во видеопораката во која им се заблагодари на сите кои изгле на гласање и гласале за нивната коалиција.
„Особено би сакал да се заблагодарам на преку 75 илјади жители на четвртата Изборна Единица кои што го подржаа бројот 14 и гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е највисок резултат за ВМРО-ДПМНЕ од сите шест изборни единици“,
вели Николоски.