Во 22.15 часот ноќеска во СВР Скопје било пријавено дека во градинка на улица „Коста Новаковиќ“ се слушнало пукање, а куршум завршил во гласачкото место бр.2687, каде биле присутни претседателот и седум членови на Изборната комисија, додека се пребројувал гласачкиот материјал. Повредени нема, но оштетен е ѕидот на објектот.
Во истиот период , околу еден час по затворањето на гласачките места, во полициската станица Центар, С.Ф. од Скопје пријавил дека додека седел со неговиот малолетен син во една од собите од семејната куќа на ул.„Мирослав Крлежа“, се слушнало пукање од огнено оружје, а куршумот го пробил покривот и паднал на паркетот во нивна близина. Нема повредени лица.
Третиот случај за кој информира МВР се случил во Сарај, во 22.20 часот, каде С.Ф. пријавил дека на ул.„10“, на неговото паркирано патничко возило „фолксваген пасат“, со скопски регистарски ознаки, му било оштетено задното ветробранско стакло од куршум од огнено оружје.
За сите три случаи МВР соопшти дека преземаат мерки за расчистување на инцидентите.
