Неодамна било откриено дека одредени функции на кинескиот систем не работат во согласност со прописите и дека тие грешки „главно произлегуваат од различната логика според која работат кинеските и европските системи“

Унгарскиот министер за транспорт Давид Витези изјави дека во моментов никој не може да каже кога ќе почнат да сообраќаат патничките возови меѓу Будимпешта и Белград. Причината, според него, е во различната логика според која во Кина и во Европа работи софтверот за контрола на движењето на возовите.
Одговарајќи на прашања од граѓаните на социјалните мрежи, Витези потсети дека неодамна било откриено дека одредени функции на кинескиот систем не работат во согласност со прописите и дека тие грешки „главно произлегуваат од различната логика според која работат кинеските и европските системи“.
„Во изминативе недели се појавија нови грешки, за кои е отворено прашањето дали се критични за безбедноста. Звучи чудно, но тоа не можеме да го кажеме. Станува збор само за разлики во логиката според која работи софтверот, односно за тоа дека кинескиот систем функционира поинаку од европскиот“,
посочи Витези.
Ако на крајот се утврди дека и натаму нема грешки што се критични за безбедноста, патничкиот сообраќај, според унгарскиот министер, може да почне релативно брзо, бидејќи други проблеми нема. Ако, пак, се покаже дека системот мора повторно да се сертифицира, треба да се смета на подолга постапка што може да трае и со месеци.
Кинескиот софтвер е плод на политички договор
Витези тврди дека вградувањето на кинескиот софтвер е резултат на политички договор. Првично било предвидено да се инсталира софтвер од чешки добавувач, но тогашниот унгарски премиер отишол на средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и „се вратил дома со веќе донесена одлука кинеската државна компанија ЦРСЦ да го изработи системот за контрола на движењето на возовите“.

„Тоа е последица на тоа што Виктор Орбан на крајот се согласи Кинезите за првпат во Европа да изработат европски систем за контрола на движењето на возовите. Но таков систем, според европските стандарди, со патни премини во исто ниво и токму на таков начин, никогаш порано не изработиле. Сега тоа го прават овде за првпат“,
рече Витези.
Тој посочи дека градежните работи на пругата до границата со Србија се завршени, дека Унгарските државни железници (МАВ) ја презеле пругата и дека по неа веќе сообраќаат товарни возови.
„Патничкиот сообраќај ќе може да почне кога ќе биде пуштен во работа системот за контрола на движењето на возовите. Сите сакаат патничкиот сообраќај на пругата Будимпешта – Белград да почне што поскоро. Мора да почекаме да заврши таа работа, односно да помине времето што им е потребно на стручњаците за да разговараат со Кинезите и да ги спроведат неопходните испитувања на софтверот“,
порача Витези.
Потоа, како што нагласи, ќе може да почне и патничкиот сообраќај.
Претходно се очекуваше патничкиот сообраќај на брзата пруга Белград – Будимпешта да почне на 13 декември, кога стапува во сила новиот возен ред на МАВ.
Меѓутоа, во средината на ноември Давид Витези изјави дека се откриени нови проблеми со кинескиот софтвер и дека возот за Белград нема да биде вклучен во новиот возен ред, кој стапува во сила на 13 декември.
Предвидено е меѓу главните градови на Унгарија и Србија да има по осум поаѓања дневно во секоја насока, при што два воза би продолжувале до Виена.
