Бројни случаи на кршење на изборниот молк, говор на омраза и непочитување на мерките за заштита забележале набљудувачите на граѓанската организаија ЦИВИЛ од почетокот на изборниот молк на полноќ и во спроведување на гласањето до 12.30 часот.

„Некои содржини на социјалните мрежи кои ги објавуваат политичките партии се вешто заобиколување на правилата за изборен молк и формално можеби не го кршат Изборниот законик, но може да се протолкуваат и како пропагандна активност“, вели
претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во првото видеообраќање во тридневниот избирачки процес.
Мониторингот бележи еден случај на пропагандна активност на одредена партија во општина во источниот регион, каде што, иако не е директна пропаганда на социјалните мрежи, се работи за мал партиски собир на јавно место, што е спротивно на принципите за почитување на изборниот молк. Притоа, од ЦИВИЛ посочуваат дека присутните не се придржуваат кон мерките за заштита од коронавирусот.
Во центарот на Скопје е регистриран и случај на дистрибуција на флаери од една политичка партија во изборен молк, а сѐ уште се обработуваат извештаите од другите делови на земјата.
На Фејсбук, до 10 часот утрово регистрирани се 27 спонзорирани содржини со политичка реклама од шест политички партии. Заклучно со обработените податоци до 12:30 часот, се констатира дека на оваа социјална мрежа преостанале содржините на уште пет политички партии со политичка реклама. Според експертите со кои се консултира ЦИВИЛ, ова е недозволена и противзаконска активност на политичките партии.
Се бележи една спонзорирана содржина од политичка партија на онлајн играта Спајдер во време на изборен молк.
Според мониторингот на ЦИВИЛ, една политичка партија во еден часот по полноќ, кога веќе на сила е изборниот молк, објавила видео со политички пропагандни пораки, а истата партија во моментов има три спонзорирани содржини.
Исто така регистирани се и две Фејсбук страници блиски до одредена политичка партија, објавуваат пропагандни содржини во изборен молк.
Од ЦИВИЛ како активност спротивна на законот во изборен молк го посочуваат и интервјуто на висок претставник на една политичка партија кое се емитуваше во живо и на социјалните мрежи во 11 часот денеска, за што веќе објави “360 степени“, во кое, како што посочуваат набљудувачите тој не се воздржува од политички пораки и споменување на политичките партии и нивните претставници.
Околу 11 часот на плоштадот Скендер бег биле делени заштитни маски со лого на една партија, односно со редниот број на гласачкото ливче.
Говор на омраза и лажни вести
ЦИВИЛ регистрирал и два случаи на говор на омраза на Фејсбук – едниот случај е поврзан со како што се вели, едно медиумски експонирано лице, блиско до одредена политичка партија, а другиот случај е кон ЦИВИЛ и кон претставници на организацијата врз етничка и политичка основа, на страница за која од ЦИВИЛ велат дека веќе подолго време позната како извор на лажни вести и говор на омраза. Објавата била симната откако беше онлајн околу 10 или 11 часа.
„Бројките што ги соопштува ЦИВИЛ се однесуваат на случаи до кои дошле набљудувачите на организацијата, но бројот на случаи, секако, може да биде и повисок“,
вели Дерала.