Во текот на средбата што денеска ја оствариле на маргините на самитот во Охрид, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова му ја честитала изборната победа, како и изборот за претседател на Народното собрание на Александар Чупиќ и изразила уверување дека македонско-српските односи ќе продолжат да се развиваат со уште позасилено темпо во образованието, науката, економијата, културата, туризмот и дигитализацијата
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува уште подобри односи со соседна Србија по промената на власта иако, како што вели, тие се традиционално добри. Таа ова го изјави на прес-конференцијата по состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони во Охрид, на кој учествуваше и претседателот на Народното собрание на Србија, Александар Чупиќ, кој во моментов е и вршител на должноста претседател на Србија.

„Традиционално, македонско-српските односи се добри. Очекувам да станат уште подобри. Мислам дека нема нерешени проблеми меѓу нас ниту, пак, сме се соочувале со нив. Очекувам да се доврши формирањето на државните органи во Србија за да може да воспоставиме комуникација не само од денешниот вид, туку да воспоставиме или да ги продолжиме меѓудржавните односи, најмногу односите меѓу граѓаните, да ги согледаме заедничките интереси, да се обидеме да се разбираме и понатаму едни со други. Јас тука гледам добра иднина“,
рече таа, прашана во која насока очекува да се движат односите со Србија по промената на власта.
Претседателката кажа дека лидерите на Процесот Брдо-Бриони денеска му заблагодариле на Александар Чупиќ што одлучил да присуствува на состанокот. „Замислете“, рече Сиљановска-Давкова, „Чупиќ му даде предност на Охрид пред Брисел“ – мислејќи на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа пред два дена во Брисел, на кој вршителот на должноста претседател на Србија не присуствуваше.
„Тој му даде предност на Охрид пред Брисел – дојде во Охрид бидејќи регионалниот амбиент е многу важен. Ние не можеме да исчекориме кон Европската Унија ако не градиме регионално разбирање“,
рече претседателката.
Во текот на средбата што денеска ја оствариле на маргините на самитот во Охрид, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова му ја честитала изборната победа, како и изборот за претседател на Народното собрание на Александар Чупиќ и изразила уверување дека македонско-српските односи ќе продолжат да се развиваат со уште позасилено темпо во образованието, науката, економијата, културата, туризмот и дигитализацијата.
На Чупиќ му порачала оти неговото присуство на Самитот Брдо-Бриони е особено значајно за решавањето на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован врз взаемна почит и разбирање.
Во куса изјава за медиумите по средбата со Сиљановска-Давкова, Чупиќ рече дека со македонската претседателка се нашле на темата за младите и нивното вклучување во политичките процеси како нешто што, според него, треба да се случува ако регионот сака да ги задржи и да опстане. За Самитот Брдо-Бриони, кој е негов прв меѓународен самит, рече дека е пример како државите кои се веќе дел од Европската Унија, како Словенија и Хрватска, можат да ги споделат своите искуства од патот кон ЕУ со земјите што сè уште не се полноправни членки.
„Би се воздржал од коментар за односите меѓу Македонија и Бугарија, но мислам дека можеби и на Бугарија ѝ е овде местото, ако е веќе членка на ЕУ – и таа да помогне. Сите сме во ист регион“,
рече претседателот на Народното собрание и в.д. претседател на Србија.
Нагласи дека и лично како човек смета и верува во добрососедски односи.
