Според информациите на полицијата, 55-годишниот охриѓанец со иницијали Ц.Н. се сомничи дека предизвикал пожар во својот стан и поради тоа од зградата биле евакуирани повеќе станари, осум лица со здобиени повреди и отежнато дишење со возила на Итната медицинска помош биле пренесени во болница
Осум лица се повредени и пренесени во Општата болница во Охрид по пожар што денеска избувнал во станбена зграда на улицата „Гоце Делчев“ во градот. Поради опожарувањето, како што соопштија од Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид, била извршена евакуација на жителите на заградата, а полицијата лишила од слобода едно лице поради основано сомневање дека го предизвикало пожарот.

Според информациите на полицијата, станува збор за 55-годишен охриѓанец со иницијали Ц.Н., кој се сомничи дека предизвикал пожар во својот стан.
По добиената пријава, на местото на настанот интервенирале полициски службеници од СВР Охрид, екипи на Територијалната противпожарна единица од Охрид и медицински тимови. Повеќе станари биле безбедно евакуирани од зградата, додека осум лица со здобиени повреди и отежнато дишење со возила на Итната медицинска помош биле однесени на болничко згрижување.
Од СВР Охрид соопштуваат дека во соработка со надлежните служби се преземаат дополнителни активности за помош на евакуираните станари и стабилизирање на состојбата на терен.
Оттаму додаваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот, против осомничениот Ц.Н. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
