Министерот за економија и труд вели дека самите автори на синдикалната кошничка посочиле оти таа покажува колку би требало да троши едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите потреби, додека владината кошничка ги прикажува просечните трошоци врз основа на податоци од надлежните институции
Во владината кошничка не е вклучен трошок за изнајмување стан, со образложение дека, според податоците што ги наведе, над 90 отсто од граѓаните живеат во сопствен дом. За разлика од неа, синдикалната кошничка предвидува и трошок за кирија
Синдикалната кошничка не претставува минимална, туку посакувана кошничка, а во просечната потрошувачка кошничка што ја изработува Министерството за економија и труд не е вклучен трошок за кирија бидејќи над 90 отсто од граѓаните живеат во сопствен дом. Ова денеска го изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, одговарајќи на прашање за разликите меѓу двете пресметки на кошничките.

Дурмиши рече дека самите автори на синдикалната кошничка посочиле оти таа покажува колку би требало да троши едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите потреби, додека владината кошничка ги прикажува просечните трошоци врз основа на податоци од надлежните институции.
Како една од причините за разликите ги наведе различниот опфат на производи и услуги, посочувајќи дека во синдикалната кошничка се вклучени и тутун, алкохол и прехранбени производи што не се консумираат во текот на целата година.
„Ние имаме ставено над 100 производи. И минатиот месец нашата се зголеми за 900 денари, а нивната за 400 денари, поради тоа што ние имаме повеќе производи ставено во владината потрошувачка кошничка, која е релевантна и достапна за сите граѓани“,
изјави Дурмиши.
Посочи и на разликата во пресметката на трошоците за домување. Според него, бидејќи над 90 отсто од граѓаните живеат во сопствен дом, во владината кошничка не е предвиден трошок за изнајмување стан, за разлика од синдикалната.
Осврнувајќи се на можноста за поскапување на електричната енергија и влијанието врз сметките на домаќинствата и компаниите, Дурмиши рече дека мерките за намалување на ДДВ за нафтените деривати и на акцизата сè уште се во сила.
Според него, Министерството ја следи состојбата и доколку има поскапувања, ќе постапи во рамките на своите надлежности, но додаде дека цената на електричната енергија е во надлежност на Министерството за енергетика.
„Евентуалното зголемување на цената на енергијата треба да произлезе од тоа министерство, од каде што треба да биде предложена и соодветна мерка, која потоа ќе се разгледува и ќе помине низ владините процедури“,
рече Дурмиши.
Дурмиши на 20 ноември рече дека просечната потрошувачка кошница во октомври изнесувала 59 149 денари, што е за 942 денари или 1,6 отсто повеќе во споредба со септември.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) истиот ден соопштија дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за ноември годинава изнесува 70 827 денари, што претставува зголемување за 469 денари во споредба со претходниот месец, кога изнесуваше 70 358 денари.
Разликата меѓу двете потрошувачки кошнички, и синдикалната и онаа на Владата, е повеќе од 11 000 денари.
